Со доделувањето на наградите во Умаг, Хрватска заврши 27-от Меѓународен фестивал на камерен театар „Златен лав“, кој и оваа година ја продолжи традицијата на обединување на истакнати театарски уметници и ансамбли од Хрватска, Македонија, Словенија, Италија и други земји од регионот. Стручното жири го сочинуваа претседателката Мирна Фаркаш Саламон и членовите на жирито Марија Пуришиќ и Ксенија Клајиќ Павловиќ. Наградата „Златен лав“ оваа година ѝ беше доделена на актерката Маја Љутков, за улогата на Ана во претставата „Анна“, по текст на Драгана Лукан Николоски и во режија на Нина Николиќ, создадена како копродукција на Театар Комедија и „Перипетија“ продукција.

Порталот Гласот на Истра го пренесува образложението на стручното жири: „Маја Љутков ја изведе една од најтешките улоги во класичната литература, „Ана Каренина“ од Толстој, со самоуверена, модерна и длабоко промислена изведба, трансформирајќи ја Ана во икона на современото општество со која не е тешко да се идентификува.

Оваа претстава го добива и Гран при-то на фестивалот . Како што е наведено во образложението: „Наградата се доделува на моќна и трогателна драма што остава длабок емотивен белег и го доведува во прашање светот во кој живееме. Брутално и искрено, модерната адаптација на класикот на Толстој „Ана Каренина“ ги прикажува семејните проблеми и играта на моќ што го префрла фокусот од конзервативно аристократско општество каде што репутацијата е сè, кон социјалните медиуми и кревкиот свет на инфлуенсерите каде што репутацијата е сè“.
Станува збор за современа драма која низ интимна и емотивна приказна ги отвора темите на љубовта, припадноста, семејните односи и личната слобода. Претставата говори за цената на изборите што ги правиме и за потребата да останеме верни на себеси, дури и кога тоа значи судир со очекувањата на околината. Во претставата покрај Маја настапуваат и Благој Веселинов, Саша Ханџиќ, Маја Зеќо и Тони Денковски (глас). Сценографијата е на Илина Ангеловска костимографијата на Ивана Каранфиловска Угуровска и музиката на Оливер Јосифовски.


Добивањето на овие награди на овој реномиран фестивал, претставува уште една во низата на успешни меѓународни промоции на македонската театарска уметност, современата македонска театарска продукција и на авторските гласови што го обликуваат домашниот театар денес. Останатите награди отидоа кај: претставата „Иванов“ во изведба на Kaos acting Academy, Институт „Каос Европа“, наградата „Златен лав“ му беше доделена и на Кристијан Петелин за улогата на Том во претставата „Стаклена менажерија“ во продукција на Градскиот театар Бјеловар.Овогодинешното фестивалско издание се одржа под слоганот „На работ на разумот“ , инспириран од истоименото дело од Мирослав Крлежа од 1938 година. Иако напишано во далечното минато, ова дело сè уште резонира i денес со неверојатна свежина и прецизност во дијагностицирањето на социјалните и личните фрактури. Токму затоа насловот „На работ на разумот“ не е само книжевна референца, туку силна и промислена водилка, осмислена од уметничкиот директор и основач на фестивалот, Дамир Златар Фреј.Фестивалот донесе шест театарски дела од Хрватска, Словенија и Македонија, од современи авторски толкувања до нови читања на класици од Антон Павлович Чехов, Тенеси Вилијамс и Гертруда Штајн. Во текот на изминатата недела, Умаг беше центар на врвниот камерен театар, а во текот на повеќе од четвртина век постоење, фестивалот прерасна во еден од најпрепознатливите театарски настани во северниот Јадран, замислен како мост помеѓу јазиците, културите и уметничките традиции, простор за средби, преиспитување и уметничка храброст, фестивал кој со децении го негува театарот како жив дијалог со реалноста.

