Синоќа во Македонскиот КИЦ во Софија беше одржана културната вечер посветена на творештвото на браќата Манаки – пионерите на балканската фотографија и кинематографија, чие дело и денес претставува непроценливо сведоштво за историјата, културата и духот на едно време. Во рамките на настанот беше презентирана изложбата „La Belle Epoque – Истокот и Западот, битолската мода низ објективот на Манаки“, настан во соработка на НУ Центар за култура Битола, Државниот архив на Р. Македонија, одделение Битола и Македонскиот КИЦ во Софија. Избор на фотографии и реализација на изложбата: м-р Гоце Стојановски и Димитар Ѓорѓиевски.
„Оваа вечер не претставува само отворање на изложба и филмска проекција, туку средба со едно извонредно културно наследство кое ги надминува времето и просторот, бидејќи делото на браќата Манаки не е само уметност, туку тоа е визуелна хроника на животот, документ за едно општество во развој и трајна меморија за културните и општествените промени на Балканот. Преку изложбата посетителите имаа можност да ја доживеат Битола од почетокот на XX век – град кој бил вистинска раскрсница на цивилизации, каде што се среќавале Истокот и Западот, традицијата и модерното, создавајќи препознатлив културен и урбан идентитет“, истакна директорот на МКИЦ во Софија и дипломатскиот советник, проф. д-р Зоран Пејковски.
Вечерта продолжи со проекција на оригинални филмски записи од браќата Манаки, кои и денес претставуваат едни од најзначајните документи за историјата и културата на нашите простори. Пејковски ја нагласи улогата на Македонскиот културно-информативен центар во Софија како институција која континуирано работи на промоција на македонската култура надвор од границите на државата. Преку вакви културни настани се создава простор за дијалог, меѓусебно разбирање и заемна почит, а македонското културно наследство добива заслужено место во европскиот културен простор.
Пред присутните се обратија директорот на НУ Центар за култура – Битола, Сашо Илковски, кураторот на изложбата Валентин Соклевски, кој го претстави концептот и значењето на изложбата, како и режисерот Благојче Божиновски од Културно-информативниот центар – Битола, кој зборуваше за филмското наследство на браќата Манаки и неговата историска вредност. Ваквите настани имаат особено значење за афирмацијата на македонската култура, нејзиното претставување пред меѓународната јавност, а делото на браќата Манаки продолжува да нè потсетува дека културното наследство е жива вредност која ги поврзува минатото, сегашноста и иднината.


Културна вечер во Македонскиот КИЦ во Софија посветена на браќата Манаки
previous post
