Во пресрет на 47. ИФФК „Браќа Манаки“, заедно со Europe House Bitola и фестивалот, започна проектот „Ловци на светлина: Битола низ мојот објектив“, во кој ученици од Битола ќе го гледаат својот град малку поинаку….низ кадар, светлина и сопствена идеја. Првата лекција ја одржа кинематограферот Димо Попов, кој со младите зборуваше за она што е во сржта и на фотографијата и на филмот, како се „фаќа“ светлината, како се избира кадарот и како една фотографија може да раскаже цела приказна.
„Суштината на добрата фотографија е фотографија која ќе разбуди некоја емоција“, им порача Попов. А сега камерата е кај нив.
Имаат 24 часа и три теми: „Што би снимиле браќата Манаки денес?“, „Светлината на моето маало“ и „Скриеното културно наследство на Битола“. Нивните фотографии ќе станат дел од изложба што ќе биде отворена на 20 септември во Офицерскиот дом, во рамките на фестивалската недела на 47. „Браќа Манаки“.
Публиката ќе може да гласа за својот фаворит до 23 септември, а на 24 септември ќе бидат доделени Наградата од публиката и Grand Prix Манаки за најдобра фотографија. Пред повеќе од еден век, браќата Манаки ја снимаа Битола и времето во кое живееја.
Сега објективот го презема една нова генерација.
Да видиме што гледаат тие.
