Home » Триумф на актерката Соња Михајлова: Награда за животно дело во Битола и Гран При во Токио за филмот „Сестра, брат и шахта

Триумф на актерката Соња Михајлова: Награда за животно дело во Битола и Гран При во Токио за филмот „Сестра, брат и шахта

by culturalchat

По повод „4 Ноември“- Денот на ослободувањето на Битола во Центарот за култура се одржа свечената академија на која беа доделени четвртоноемвриските награди. Наградата за животно дело и беше доделена на истакната македонска актерка и доајенка на Народниот театар во Битола, Соња Михајлова.„Актерката Соња Михајлова има големото достигнување од областа на културата и драмската уметност, работи со прецизна техника суптилен, емоционален актерски сензибилитет и моќна сценска естетика, сето тоа благодарение на нејзиниот професионализам, талент и креативност.
Во нејзината 42 годишна кариера во континуитет одигра значајни улоги во класичниот и современ драмски репертоар на битолската сцена и тоа повеќе од 30 години. Нејзиниот опус е валоризиран со истакнати признанија и награди меѓу кои и наградата за Животно дело МТФ “Војдан Чернодрински” како и бројни признанија и награди на Меѓународниот фестивал на Камерен театар „Ристо Шишков“ на ИФАД „Стоби“, „Охридско лето“, повеќекратни признанија за успешна личност од областа на културата за Битола. Основно образование и Гимназија ,,Јосип Броз – Тито” завршува во Битола. Високо образование: Факултет за драмски уметности – Скопје, класа на проф. Љубиша Георгиевски. Член на ансамблот на НУ Народен театар – Битола од 1984 до 2022 година. Реализира над 150 улоги на матична сцена, со бројни гостувања низ земјата и светот. Позначајни улоги за спомнување се претставите: „Куфер“, „Жиголо“ и „Едмонд“ со што влијае врз естетиката и стандардите на македонскиот театар. На филмските и телевизиските гледачи им е позната од „Бушавата Азбука“, „До балчак“, „Кајмак“, „Сестра, брат и шахта“ и други проекти. Паралелно со сценските остварувања, Михајлова дава пример за професионализам и менторска поддршка на помладите генерации, освојувајќи ја публиката и потикнувајќи го развојот на македонската култура како носителка на културни вредности и обележје на тетарската историја“, беше истакнато на доделувањето. За наградата беше предложена од НУ ,,Народен Театар” – Битола, а истата и ја врачи градоначалникот на Општина Битола, Тони Коњановски. Истиот ден филмот во кој ја игра главната улога, „Сестра, брат и шахта“ на режисерот Милчо Манчевски ја доби главната награда за најдобар филм Tokyo Grand Prix, наградата на гувернерот на Токио, на 39. Меѓународен филмски фестивал во Токио. Тоа е прв пат македонски филм да победи на фестивал од А-категорија после “Пред дождот” на Манчевски во Венеција во 1994.Михајлова игра и во најновата претстава на НУ Народен театар Битола чија премиера ќе биде на 10 и 11 ноември со наслов „Татко“ во режија на Благој Мицевски.

 

 

 

Related Articles