Во НУ. Народен театар Битола се одржа комеморација за починатите актери: Митко С. Апостоловски и Јулијана Стефанова, со што им се оддаде почит за нивното долгогодишно творештво. Колегите актери и присутните за последен пат ги поздравија со аплауз доајените на битолскиот и македонскиот театар. За Митко и Јулка зборуваа нивните колеги актерите: Никола Пројчевски, Огнен Дранговски, Соња Михајлова.
„Им благодарам на двајцата затоа што беа дел од моето време, времето во кое јас имав прилика да чекорам многу заедно со нив, јас ќе се сеќавам вечно на нив, сеќавајте се и вие вечно“, истакна актерот Пројчевски. Тој исто така го прочита и писмото кое го напиша актерот Петар Горко, а кој поради емоциите не можеше да го прочита на сцена.
Актерот Дранговски се присети на претставата Браќа Карамазови во која играа заедно. „Се сеќавам на неговата силна експресивна актерска игра во таа претстава, јас во истата играв негов син. Тој беше човек со големо срце, со голема смисла за хумор, секогаш имаше точен сенс како ќе излезе претставата“. Актерката Михајлова и се обраќаше на Јулка како да беше таму на сцена, место кое толку често го делеа низ годините. „Знаеш Јуцо на оваа сцена толку си присутна во твоето отсуство и засекогаш ќе бидеш присутна заради сите долги години, заради сите одиграни претстави, заради целото дружење на сцената и надвор од неа, заради сите наши лични дружења. Фалиш Јуцо и тешко е човек да ги најде вистинските зборови за да го прави овој дијалог со тебе. Со некој што беше наш колега, моја колешка, пријател, другар, актерка на сцената, член на ова наше театарско семејство. Во последниот период не успеавме да си направиме муабет за сите наши стари добри времиња, успеавме да се чуеме неколку пати, и во едно од тие јавувања успеа да ми кажеш: Фала што ми се јави. Но во тоа фала почувствував дека ти фалевме сите ние, оваа сцена, нашата дружба. Тебе те нема да ни кажеш: оти шо е сега ова, ама јас ќе ти речам: оти шо Јуцо, оти фалиш и ќе фалиш“. Актерката Јулијана Стефанова почина на 61-годишна возраст по кратко боледување Меѓу љубителите на театарската уметност остана запаметена како актерка кој својот живот го посвети на Битолскиот театар, чија енергија привлекуваше внимание само што ќе застанеше на сцена.
„ Актерката која штом ќе се појавеше на сцената веднаш предизвикуваше насмевка на лицата од публиката. Нејзиниот актерски хабитус беше мек и топол, специфичен по тоа со каква леснотија ги правеше работите на сцената. А зад сцената беше уште потопла и голем другар“, беше истакнато на комеморацијата.
Во нејзиното актерско портфолио се многубројни улоги и тоа во претставите „Тајното оружје“, „Аудиција“, „Тартиф“, „Аждер“, „Крвави свадби“, „Малограѓанска свадба“, „Иванов“ и многу други. Играше и во претстави од детскиот театар Бабец.
Доајенот на битолското и македонското глумиште, театарскиот, филмскиот и телевизискиот актер Митко С. Апостоловски почина на На 67 годишна возраст. Апостоловски ги одигра театарските улоги: Фезлиев (“Црнила”), Војдан (“Тетовирани души се враќаат дома”), Креонт (“Медеја”), Дидро (“Развратникот“), играше во „Кралски игри“, „Обична приказна”, „Јонадаб“ и многу други.
Зад себе ги остави значајните улоги и во телевизиските серии и филмови: Наши години, Илинден, Белото циганче, Бог да ги убие шпионите, Проколнати, Заборавени, Во светот на бајките, Трето полувреме, Македонските народни приказни, Година на мајмунот, Последниот Македонец, Големата вода, Тврдокорни, Јас сум од Титов Велес, До Балчак и други.
Беше добитник на повеќе награди и признанија меѓу кои: Награда за машка епизодна улога во претставата “Иванов” за улогата на “Шабељски” на МТФ “Војдан Чернодрински“, Наградата “Ристо Шишков” за најдобро актерско остварување итн.