Home » Младата и талентирана Јана Борбала Панзов промовираше стикери како дел од „Кул е кога COOL се пишува на кирилица“

Младата и талентирана Јана Борбала Панзов промовираше стикери како дел од „Кул е кога COOL се пишува на кирилица“

by culturalchat

„Пишувајте на кирилица“ е пораката која Јана Борбала Панзов ја упати до своите врсници на промоцијата на проектот „Кул е кога COOL се пишува на кирилица“.

Целта на проектот е да се поттикне употребата на кирилското писмо кај младите на возраст од 6 до 16 години преку „стикери“ кои содржат македонски зборови наменети за Вибер, но и за рекламен материјал. Ама овие „стикери“ се соодветни и за другите возрасти и нема да се употребуваат само во Македонија, туку секаде низ светот, кога на оваа комуникациска платформа се комуницира на македонски јазик.

Промоцијата беше одржана во Кафе-книжарница Буква во Скопје.

Младата Јана изработи 16 „стикери“ со цел, како што самата кажа, да ги убеди своите врсници да користат кирилица кога се допишуваат на социјалните мрежи, затоа што, како што и самата кажа, нашата кирилица е многу убава.

За настанот беше изработен и рекламен материјал (маици, шолји, торби) кои заинтересираните можат да ги најдат во кафе-книжарницата Буква.

Промоторката Наталија Лукомска истакна дека стикерите на Јана се многу интересни, на едноставен начин се испреплетени зборовите и сликите, илустрирани се фрази со помош на македонски симболи врежани во нашата слика за Македонија (македонско девојче, Водно, Кирил и Методиј). Стикерите имаат голем потенцијал да бидат искористени и во наставата по македонски јазик.

На прашање за она што ја инспирира, Јана кажа дека ја инспирира она што го гледа околу неа, македонската музика што ја слуша, патувањата во Македонија, преубавата природа. Во иднина се гледа себеси како аниматор и дека веќе работи на серија карактери (еден вид вонземјани) за кои се надева дека ќе бидат нејзината прва анимација.

Јана е билингвална, и на прашањето како го надоградува својот македонски, рече дека гледа македонски серии, чита книги и слуша македонска музика.

„Кул е и кога COOL се пишува на кирилица“ е дел од проектот „Цртај на македонски јазик“ поддржан од Министерството за култура на Република Македонија.

Авторката Јана Борбала Панзов (2009) е родена во Будимпешта, Унгарија. Основното образование го започнува во Македонија, а подоцна го продолжува во Унгарија. Нејзината талентираност за цртање (сликање, графика, дигитална уметност) е потврдена на многу конкурси на кои учествувала во Унгарија. Со свое дело учествувала на конкурсот на Museum of Fine Arts, Budapest, во рамките на детската програма за уметнички дела инспирирани од големата изложба: Between Hell and Paradise. The Enigmatic World of Hieronymus Bosch.

Изработува и амигуруми (плетени играчки) со кои учествувала на неколку локални продажни изложби. Дел од нејзините креации се објавени во списанието „Чудна шума“:

И преку овој проект се согледуваат врските и соработката меѓу МСМЈЛК при УКИМ и Универзитетот ЕЛТЕ во Будимпешта во афирмацијата и вложувањето во македонистиката.

Стикерите можете да ги преземете на следниов линк:

https://stickers.viber.com/pages/custom-sticker-packs/11ed36a48dd1b404ad90653bf575a697ee6dd7a0ad6b38f7

 

 

Related Articles