„Во месецот посветен на книгата, во периодот кога природата ги подарува своите плодови, а грозјето се претвора во вино, сакаме да создадеме поинаква средба, средба на литературата, емоциите, пријателството и човечките искуства“, вака стои во најавата на организаторите НУУБ „Св. Климент Охридски“ – Битола во соработка со Центарот за поддршка и помош на деца и лица со попреченост „Сложувалка Срце“ , за настанот кој ќе се одржи на 6.11. 2026 година во 17 часот. Се работи за несекојдневен настан што ќе ја стави книгата во центарот на еден искрен и отворен разговор за менталното здравје, меѓусебното разбирање и поврзувањето на луѓето преку заеднички искуства.
Овојпат нема само да се зборува за книгите. Ќе се зборува за она што тие го будат во нас!
Секој учесник ќе има можност да избере книга што оставила посебна трага во неговиот живот, да раскаже зошто му е омилена, со кој книжевен лик се поистоветува, кои мисли и чувства ги препознал во неа и дали некоја прочитана страница му помогнала поинаку да погледне на себе, на другите или на животните предизвици. Можеби во некој книжевен лик ќе ја препознаеме сопствената храброст. Можеби во некоја приказна ќе пронајдеме утеха, разбирање или одговор на прашање што долго нè преокупирало. А, можеби токму некоја книга ќе нè потсети дека не сме сами во она што го чувствуваме.
Желбата на организаторите е да се создаде пријатна и опуштена атмосфера во која родителите на децата со атипичен развој и родителите на децата со типичен развој ќе имаат можност да поминат едно поинакво попладне заедно – да разговараат, да се смеат, да споделуваат искуства и да воспоставуваат нови пријателства. Без предрасуди, без поделби и без потреба постојано да се зборува за предизвиците со кои се соочуваме. Едноставно, да си дозволиме да бидеме луѓе кои сакаат и заслужуваат да се дружат, да се запознаваат и да уживаат во убавите моменти. Затоа што родителството, без оглед на развојот на нашите деца, носи многу заеднички чувства, грижи, радости, надежи и желби. А понекогаш, за да се разбереме подобро, доволно е само да седнеме заедно, да ја отвориме корицата на омилената книга и да започнеме разговор. Со чаша вино, во духот на есента и бербата на грозјето, ќе се наздрави за животот, пријателството, сличностите, различностите и менталното здравје.
Целта на настанот е преку литературата, библиотерапевтскиот пристап, непосредното дружење да се поттикне саморефлексија, емоционално изразување, емпатија и меѓусебно разбирање, но и да се придонесе кон создавање посилни врски меѓу родителите и поинклузивна заедница.
Да читаме за да разбереме.
Да споделуваме за да се поврземе.
Да се смееме за да се зближиме.
Да разговараме за да си помогнеме.
