Дали навистина знаеме што сакаме да бидеме кога ќе пораснеме? Ова навидум едноставно прашање беше во фокусот на најновото издание на „Свесност Live Sessions“, кое се одржа во Училница и отвори разговор за изборот на професија, личниот идентитет, влијанието на семејството и општеството, како и за храброста човек да го избере сопствениот пат. Наместо да понуди едноставни одговори, разговорот ги отвори дилемите со кои се соочуваат и младите и возрасните: колку нашите избори се навистина наши, колку се резултат на очекувањата на околината и дали една одлука донесена во младоста мора да го одреди целиот живот. Соговорници на настанот беа Живка Паркет, моден дизајнер и професор, Елизабета Талевска, педагог, и Валентин Дамчевски, економист и актер, а разговорот го модерираше психотерапевтот Викторија Тодоровска од Свесност.
Во текот на дискусијата беше истакнато дека современиот свет бара поголема подготвеност за промени, учење и прилагодување отколку кога било претходно. Валентин Дамчевски зборуваше за личната слобода како предуслов за автентичен живот и за храброста да се живее надвор од однапред зададените рамки.
„Кога ја открив слободата, се открив себеси. Да, неизвесно е да се живее така. Но убаво е“, истакна Дамчевски, отворајќи ја и дилемата дали човек му должи на сопствениот талент да му даде можност да се развие и да се реализира. Елизабета Талевска се осврна на различните животни фази и на начинот на кој луѓето се соочуваат со промените.
„Детството е како вода. Младоста е коридор што брзо минува и има многу важни станици. Зрелоста носи искуство и умеење, а староста перспектива“, посочи Талевска, додавајќи дека стравот од неизвесноста често нè задржува во комфорната зона многу подолго отколку што е потребно. Од своја страна, Живка Паркет зборуваше за младите генерации и нивниот однос кон изборите и професионалниот развој.
„Новите генерации многу поретко прават компромиси со сопствените желби и убедувања“, истакна Паркет, нагласувајќи дека денешните млади сè почесто избираат патишта кои одговараат на нивните вредности и интереси, наместо на туѓите очекувања. Учесниците се согласија дека можеби најголемиот мит што им се наметнува на младите е уверувањето дека мора многу рано да знаат што ќе бидат во животот. Наместо тоа, беше испратена порака дека професионалниот и личниот развој се процеси што траат со години и дека човек има право повеќепати да се преиспитува, менува и започнува одново.
Разговорот го модерираше Викторија Тодоровска, Гешталт советник и еден од основачите на центарот за психолошко советување и психотерапија „Свесност“. Низ внимателно поставени прашања и отворање на различни перспективи, таа ја насочи дискусијата кон темите на идентитетот, личниот развој, стравот од избор и притисокот што младите го чувствуваат при донесувањето важни животни одлуки. Нејзиниот пристап помогна разговорот да остане истовремено личен, искрен и релевантен за луѓе од различни генерации. Настанот заврши со отворена дискусија со публиката и неформално дружење проследено со музичкиот избор на BerryQyat.
„Свесност Live Sessions“ продолжува да отвора теми што ги надминуваат секојдневните разговори и поттикнуваат подлабоко размислување за прашањата со кои се соочуваме во различни периоди од животот.
