Home » Со “Чествување на заветот” и премиерата на “Мајка (magna mater)” Бабец Театарот од Битола одбележа 16 години постоење

Со “Чествување на заветот” и премиерата на “Мајка (magna mater)” Бабец Театарот од Битола одбележа 16 години постоење

by culturalchat

Бабец Театарот од Битола одбележа 16 години постоење со два настани: “Чествување на заветот” по повод 100 години од смртта на Крсте Петков Мисирков во НУ Народен Театар Битола и во НУ Центар за култура, беше изведена премиерата на детската претстава “Мајка (magna mater)” авторски проект на Марјан Георгиевски во продукција на Бабец театар.Пред речиси 8.000 години, на македонска почва, во неолитска куќа во Тумба Маџари, покрај огништето — некој зел кал и ја направил „Голема Мајка” — Magna Mater. Таа стои со широко отворени раце, го држи покривот над главата. Чувар на домот во кој човек се раѓа, живее и умира.Оваа претстава е за тој круг. На оваа почва мајката никогаш не била само мајка. Таа била оска околу која се вртело сè — домот, семејството, земјата, родот. Ги раѓала децата, ги хранела, ги испраќала во светот, ги чекала назад. Нашите предци ја виделе таа сила и ја претвориле во божица — ја поставиле во центарот на куќата. Оваа претстава е посветена на мајката која те родила. И на земјата која те носи/крепи. Зашто тие две — одамна се исто.
Истата топлина. Истата трпеливост.
Истата љубов која не бара ништо за возврат.
Животот поминува. Magna Mater останува.
Дизајн на звук: Александар Димовски, видео оператор: Владимир Переловски, изработка на кукли: Николче Српчански, изработка на куќарки: House of tree, декоратер: Борче Ѓаковски.

„Кога го создававме Бабец театар, имавме една едноставна, но силна идеја – да создадеме место каде што љубовта кон театарот, креативноста и детската насмевка ќе бидат најголемата вредност. Денес, 16 години подоцна, гордо можам да кажам дека таа идеја прерасна во приказна која остави трага кај илјадници деца, родители и љубители на театарската уметност. Благодарен сум на сите актери, соработници, пријатели и поддржувачи кои беа дел од ова патување. Најголемата награда отсекогаш била искрената детска насмевка и аплаузот по секоја претстава“, изјавија Јулијана Мирчевска и Васко Мавровски, основачите на Бабец театарот.

Среќен 16-ти роденден, Бабец театар! Нека следуваат уште многу години исполнети со магија, нови претстави и генерации деца кои ќе растат со љубов кон театарот.

Related Articles