Home » Премиера на „Татко“ на НУ Народен театар Битола за Денот на ослободувањето на градот

Премиера на „Татко“ на НУ Народен театар Битола за Денот на ослободувањето на градот

Премиера на “Татко“, 12. издание на Битола Шекспир фестивалот и подготовки на претставата „Ни треба пејачка“ за месец ноември во НУ Народен театар Битола

by culturalchat

Народниот театар Битола во текот на месец ноември реализира неколку значајни програмски активности, кои имаат особено значење за културниот живот на градот, но и за меѓународната афирмација на македонското театарско творештво.На 10 и 11 ноември 2026 година, Народниот театар Битола ќе ја има својата најнова премиера – „Татко“ од Август Стриндберг, во режија на Благој Мицевски. Претставата е дел од официјалната програма на Општина Битола по повод одбележувањето на 4 Ноември – Денот на ослободувањето на градот Битола. Со оваа премиерна изведба, театарот дава свој придонес кон одбележувањето на еден од најзначајните датуми во историјата на градот. Освен режијата, Мицевски стои и зад сценографијата и костимите. Во претставата работена по делото на Август Стриндберг играат: Петар Горко, Катерина Аневска-Дранговска, Сандра Грибовска Илиевска, Никола Пројчевски, Живко Борисовски, Соња Михајлова. Асистент на режија е Дамјан Димовски, композитор Марјан Нечак, тон Александар Димовски, светло Горан Петровски, суфлер Гордана Михајловска, реквизит Цветан Јовановски, испициент Оливер Петровски. Се работи за длабоко потресна психолошка драма за распадот на интимноста, осаменоста, недовербата и кревките граници на моќта во семејството. Каде исчезнува љубовта кога меѓусебното разбирање ќе го заменат сомнежот и борбата за надмоќ? И колку далеку може да оди човекот кога ќе се соочи со сопствената ранливост? Преку ова безвременско драмско дело, режисерот Благој Мицевски ги отвора прашањата за односот меѓу мажот и жената, за семејните односи и за трагедијата на човекот кој постепено го губи тлото под нозете. Што се случува со човекот кога ќе остари? Кога љубовта ќе се претвори во борба за моќ, а бракот во бојно поле на кое детето станува најневината жртва?

Особено значаен датум за НУ Народен театар Битола е и 14 ноември, кога се одбележуваат 82 години од постоењето на оваа институција. Овој значаен јубилеј ќе биде одбележан со свеченото отворање на 12. издание на Битола Шекспир фестивалот, кој годинава ќе започне со претставата „Кориолан“ од Вилијам Шекспир, која токму на отворањето на фестивалот ќе ја има својата прва премиерна изведба во матичната куќа. Годинашното издание на фестивалот ќе го збогатат театарски продукции и учесници од Италија, Ерменија, Соединетите Американски Држави, Романија, Грузија и Малта. Присуството на театри и уметници од шест држави уште еднаш ја потврдува меѓународната позиционираност на Битола Шекспир фестивалот и неговото значење како релевантна меѓународна театарска платформа, која ја поставува Битола на светската театарска мапа. Воедно се подготвува и претставата „Ни треба пејачка“ во режија на Ненад Витанов, која ќе ја доживее премиерата на 12.декември. Со овие активности, Народниот театар Битола продолжува да ја исполнува својата мисија во развојот и промоцијата на театарската уметност, негувањето на домашното творештво и воспоставувањето меѓународни културни соработки, истовремено потврдувајќи ја својата улога како значаен културен чинител во земјата и пошироко.

 

Related Articles