Директорката на Македонскиот КИЦ во Загреб, Мими Ѓоргоска Илиевска, на покана на претседателот на Советот за национални малцинства, Тибор Варга, присуствуваше на најголемата културна манифестација на националните малцинства во Република Хрватска, „Културно творештво на националните малцинства во Република Хрватска“, која се одржа под високо покровителство на Владата на Република Хрватска, а во организација на Советот за национални малцинства. На манифестацијата, покрај бројните граѓани, присуствуваа и високи гости – претседателот на Владата на Република Хрватска, Андреј Пленковиќ, пратеникот на претседателот на Хрватскиот сабор, Максимилијан Шимрак, потпретседателот на Владата и министер за внатрешни работи, Давор Божиновиќ, министерката за култура и медиуми, Нина Обуљен Коржинек, министерот за наука, образование и млади, Радован Фукс, пратеници во Хрватскиот сабор, заменикот на унгарската министерка за надворешни работи, Ѓерѓ Ласло Велкеј, претставници на дипломатскиот кор, како и државни и локални функционери.
Оваа година, земја партнер беше Унгарија, која се претстави со Унгарскиот државен фолклорен ансамбл – Magyar Állami Népi Együttes (MÁNE) од Будимпешта. Во програмата настапи и хрватскиот национален ансамбл ЛАДО. Со танц, музика и фолклор, повеќе од петстотини припадници на националните малцинства од сите делови на Хрватска на манифестацијата „Културно творештво на националните малцинства во Република Хрватска 2026“, одржана на 17 октомври во Концертната сала „Ватрослав Лисински“ во Загреб, покажаа како се зачувуваат културното наследство и националниот идентитет.
Во име на Заедницата на Македонците во Република Хрватска, со репрезентативна програма настапи Македонското културно друштво „Кирил и Методиј“ од Пула. Со музика и фолклор се претставија албанското, австриското, бошњачкото, црногорското, чешкото, унгарското, македонското, германското, полското, ромското, руското, русинското, словачкото, словенечкото, српското, италијанското и украинското национално малцинство.
