Избрани фотографии на тема „Унгарска свадба“ од авторот Јожеф Марк Горач деновиве го красат фоајето на кино „Манаки“ во Битола, во рамките на „Илинденски денови“. Горач е уметник кој дејствува во повеќе области на визуелната уметност и унгарската традиционална култура. Со народни танци се занимава од детството, а покрај тоа негова страст е фотографијата.
Изложбата ја отвори м-р Сашо Илковски, директор на НУ Центар за култура и притоа рече дека изложбата се совпаѓа со мотото на фестивалот „Точка на поврзување“.
– Авторот Јозеф Марк Горач е пријател на нашиот фестивал и тоа само по себе е точка на поврзување. Во фестивалската програма ќе настапи и ансамбл од Унгарија и тоа е уште една точка на поврзување, а точка на поврзување е и иницијативата за поврзување меѓу општината Дистрихт 18 од Будимпешта со Општина Битола“.
Во рамки на фестивалскиот „Културен Хорологион“, д-р Марјан Танушевски, потсети на некогашните амами во Битола кои датираат од времето на Сулејман Величествениот, со посебен осврт на Керим бегов амам познат и како Ески чифте амам, во кој имало посебен простор за невести и кои пред свадбата доаѓале во амамот на т.н. ритуално чистење.
Фотографии: Сашо Ставрев

