Во галеријата “Ранко Струмениковски“ во Битола беше отворена изложбата која потекна по младинскиот интернационален ликовен конкурс на “Каранфилова арт студио“ од Битола. На На истата се изложени 511 дело од 524 ликовни творци на возраст од 4 до 21 години од 10 земји ширум светот.
-“Каранфилова арт студио“ годинава за прв пат го објави истоимениот интернационален младински ликовен конкурс и изложба. Создадени од млади раще со искрени мисли, пристигнаа дела кои го оставија жирито без зборови. Македонија, Бугарија, Хонг Конг, Индија, Индонезија, Латвија, Литванија, Молдавија, Полска и Словачка. Сите ги претставија своите држави на свој уникатен начин, но на еден јазик разбирлив за цел свет: уметноста. Со задоволство ги споделуваме нивните креации, а веруваме дека тоа ќе стане и традиција на нашето студио, рече на отворањето на изложбата Ангела Каранфилова.
„Различни јазици, култури и традиции обединети во една заедничка моќна енергија реализирана во детска и младешка креативност. Изложените дела претставуваат прозорец кон светот, низ кого се проектираат и се слават детската фантазија, слободата на изразувањето, лубопитноста, радоста и искреноста на творечкиот дух виден низ призмата на детските очи и детскиот светоглед. Секако, значајни сегменти во заокружувањето на извонредните ликовни креации свое клучно влијание имаат наблиските во семејствата на младите творци и особено, нивните ментори, ликовни педагози кои несебично ги поддржуваат и унапредуваат младите таленти во светот на уметноста“, рече д-р Драган Ристевски, галерист.
Различноста и разновидноста ја прави првата Меѓународна детска ликовна изложба вистински уметнички мегдан на разбирање и поврзување на младите таленти. Овој ликовен настан, воедно претставува своевидно богатство на различни ликовни изрази и техники како цртеж, акварел, графика, гваж, пастел, темпера и други ликовни техники.
Извор: Битола њуз


