На 13.мај, на сцената на Битолскиот театар со почеток од 18 часот, ќе се изведе претставата ,,Чорбаџи Теодос“ од Васил Иљоски, во режија на Дамјан Димовски .
„Се работи за култен текст во македонската драматургија, пишуван во 1937, но тие исти работи ни се случуваат и денес само во поинакви околности и амабалажа. Во брзиот начин на живот луѓето ја имаат изгубено емпатијата и разбирањето и сите сакаме да стигнеме до целта прегазувајќи го другиот, а не во соработка со него. За овој начин на живот кој ние денес го живееме потребно е да постои таа емпатија помеѓу нас“, вели режисерот за претставата.
Во претставата играат Живко Борисовски, Марија Стефановска, Александар Димитровски, Никола Стефанов, Сандра Грибовска Илиевска, Елена Моше, Никола Пројчевски, Александар Копања, Петар Спировски, Марија Цветановска. Драматург на претставата е Билјана Крајчевска. Сценографијата е на Валентин Светозарев, костимографијата на Благој Мицевски.
