На 12 ноември 2026 година, НУ Центар за култура Битола и Францускиот институт во Скопје потпишаа Меморандум за соработка, со кој се отвораат нови можности за реализација на заеднички културни програми и продлабочување на културните врски меѓу двете институции.
Меморандумот го потпишаа директорот на НУ Центар за култура Битола, Сашо Илковски, и Грегоар Жислер, директор на Францускиот институт во Скопје и советник за култура и соработка во Амбасадата на Франција во Македонија. 
Првата активност во рамките на партнерството ќе биде повторното активирање на Францускиот кино клуб при НУ Центар за култура Битола, со што битолската публика повторно ќе добие можност да ја запознае богатата француска кинематографија.
Ова партнерство е продолжение на успешната соработка меѓу двете институции. Во октомври, во рамките на првото издание на фестивалот на улична уметност „French Connection“, театарската трупа „Гвам“ со перформансот „Танцот на водните нимфи“ го претвори Широк сокак во сцена на отворено, нудејќи ѝ на публиката уникатно уметничко доживување.
Ваквите соработки се важни затоа што на публиката ѝ отвораат нови културни хоризонти, ѝ овозможуваат средба со различни уметнички изрази и автори и носат нови, квалитетни културни содржини во градот.
„Посебна благодарност упатуваме до почесниот конзул на Република Франција, Калиопа Кривашија Стилиновиќ, за нејзината континуирана поддршка и посветеност во зајакнувањето на културните врски меѓу Франција и Битола. Пред нас е широко поле за соработка, со заедничка цел – збогатување на културниот живот во Битола и создавање нови уметнички доживувања за публиката. Продолжуваме да ги поврзуваме културите и да отвораме нови хоризонти преку уметноста“, истакнуваат од Центарот за култура Битола.
Ново поглавје во културната соработка помеѓу Битола и Франција
previous post
