Во КИЦ Офицерскиот дом – Битола се одржа промоцијата на најновата книга на Христијан Аџиоски со наслов „Клетва под каменот“ – сенката на едно предавство како зарек за народна осуда.
„Им благодарам на сите учесници кои дадоа свој придонес оваа книжевна вечер да прерасне во искрена емоција создавајќи мигови на возвишена блискост и споделена заедничка радост. Затоа, убавите зборови не завршуваат со последната страница, туку продолжуваат да треперат како дамари одржувајќи ја жива секоја раскажана приказна. И оние што допрва треба да се раскажат. Книгата е веќе достапна за читателите, а јас како неуморен покорник на македонското лепословие, ви се поклонувам“, вели Аџиоски и додава: „Некои приказни не умираат, само чекаат некој повторно да ги раскаже. Ова е приказна која како што се создаваше во мене, долг период ме прогонуваше и мечтаев еден ден да биде напишана. И си ја напишав, за да живее како завештание на мојот народ, кому приказните и песните му ја чуваа историјата низ вековите. Нема да го објаснувам чувството да се помириса хартија на која се напечатени сопствените мисли. Среќа е да се живее со таков благослов“. Тој вели дека ликовите на кои им вдахнал живот во овој роман неколку месеци живеле со него, па дури и ни во сонот не сакале да го напуштат.
Кога туѓи војски ни ја разоруваа земјата и на Македонците им беше забрането да бидат стопани на својата судбина, се раѓа предавство кое преживува како единствен сведок за едно премолчено страдање. Но што останува под каменот кога времето ќе ги покрие сите траги? Промотор на книгата беше Ана Жежовска-Кузманоска, заедно со Никола В. Ристевски кој е и рецензент, модератор: Билјана Граматковски, музичка изведба: Димитар Србиноски.
Настанот беше поддржан од Културен и информативен центар КИЦ – Битола.


