Изложбата „Допри ја традицијата“ на костимографот Благој Мицевски, претставена како дел на „Илинденски денови“ и во рамките на Битолското културно лето, ја привлече многубројната публика во КЦ Магаза.
„Традицијата не живее само во музеите. Таа живее во рацете што создаваат, во знаењето што се пренесува и во секој детал што ја раскажува нашата приказна“, беше истакнато на самиот почеток. Овој проект изложба, ги истражува границите помеѓу уметноста и занаетчиството, поточно односот помеѓу двете. Во рамките на изложбата се реализира идејата да се изложат предмети што се дел од нашето културно наследство, кои на еден или друг начин, се уште постојат во нашите домови, иако одамна ја изгубиле својата оригинална функција.
„Изложбата се подготвуваше подолго време и има за цел да биде дел од еден поголем проект во иднина. На некој начин, таа ги истражува новите трендови за рециклирање или повторна употреба, што значи трансформација на нешто што веќе го имаме околу нас, нешто што ни е вишок или отпад, за да му се даде нов живот. Идејата е да се добие некаква употребна вредност или, во овој случај, уметничка вредност, да се создадат уметнички дела кои потоа можат да продолжат да живеат“, ни изјави Мицевски.
Изложените дела се поделени во неколку фази и има неколку таписерии. „Тоа беа моите први контакти со материјалите откако почнав да се интересирам за текстил. Моите врски со „Илинденски денови“ датираат уште од 80-тите, кога бев средношколец, а пријатели од Холандија ги посетуваа часовите на легендарниот Пеце Атанасовски во Отешево. Потоа заедно одевме на „Илинденски денови“ да снимаме музика, да фотографираме фолклорни носии, да купуваме носии и да учиме за обичаите. Така, преку нив, и кај мене се разбуди интересот за фолклорот и за „Илинденски денови“. Понатаму, во работата во театарот, најмногу сум благодарен на режисерот Владо Цветановски за новиот пристап кон традиционалната уметност и облека. Со него направивме многу претстави каде што фолклорот и традицијата беа во сржта на тоа што го работевме. Често редизајнирав традиционална облека и обичаи“.
Целта на изложбата е да се запознаат и младите со вистинските вредности на нашите занаети, обичаи и традиции.
„Сакам преку изложбата да покажам како на традиционални начини, што потсетуваат на познатите черги или на овие везени и плетени милиња што сите ги имаме дома, во кои е вложен огромен труд, а често се потценети или заборавени, може да им се даде поголема видливост на едноставен начин. Сега дојдовме до идеја тие мотиви да се ставаат на платнени торби што сите ги носиме, и одеднаш тоа стана хит. Сите сакаат да имаат таква торба, затоа што еден едноставен производ е споен со нешто вредно и рачно изработено, и така станува видливо, наместо да го криеме, да се гордееме со тоа. Сакам и на новите генерации да им ја претставам можноста да создаваат современи дела што потсетуваат на традиционалната уметност. Имаме таква идеја со Средното текстилно училиште – со учениците, под водство на неколку локални уметници и кустоси, да се насочат кон некоја визуелна изразност, а потоа во музејот да се направи поголема изложба. Можеби ќе биде биенале или триенале, каде што ќе се вклучат повеќе деца и ученици на кои ова им е интересно и професија“, додава Мицевски.
Изложените материјали се претежно од домот.
„Овие материјали се од дома. Тајно ги собирав од родителите. Знаете како е – додека не ги користите, никој не ги забележува. А кога ќе ги побарате за нешто, одеднаш сите сакаат да ги имаат или не сакаат да ги дадат. Исто така, дел од материјалите се рециклирани од работата во театарот каде што постојано работам, и сакаме да ги искористиме наместо да ги фрлиме. Имаме голем фонд каде што со текот на годините многу работи отпаднале, и токму тоа е суштината на идејата – да се поврземе со училиштето и музејот, и наместо да се фрлаат, да им се даде нова вредност. Ако некој може да им даде употребна вредност и да ги продава на пазарот, одлично. Ако не, барем да имаат уметничка вредност. Во светот, не толку далеку од нас, во Словенија, бев инспириран од една изложба што ја направија во напуштен рудник, каде што бабите плетат чипки по цртежи на нивните внуци и комбинираат со нивни материјали, па прават големи инсталации во рудникот, огромни каталози, биенални изложби за текстил, од кои подоцна се раѓаат нови идеи. Мислам дека можеме да ја преземеме таа идеја и на тој начин да создадеме нешто ново и интересно за публиката и за луѓето што работат“.
Предметите и објектите немаат поединечни наслови, како што е вообичаено за изложба. Костимографот Мицевски истакнува дека оваа изложба може да се разбере како негов автопортрет или автобиографија.
„Уште една мисла од позната американска уметница која вели: Јас не сум тоа што сум, туку она што го правам со моите раце. Така што сè овде е рачно изработено – и она што е наследено и она што е ново создадено. Сè“.
Изложбата за отворена ја прогласи Наде Геневска Брачиќ, кустос советник во НУ Завод и Музеј Битола.
„За мене ова беше голем предизвик и благодарна сум на поканата од Благој да напишам текст за оваа изложба. Тој ми ги претстави своите дела уште во фазата на подготовка на изложбата и навистина ме воодушеви. Покрај неговиот 35-годишен ангажман, исполнет со бројни театарски претстави, опера, балет, костимографија, тој се занимава и со дизајн, и мислам дека неговиот културен идентитет е препознатлив за сите нас. Тој има освоено многу награди и затоа сметам дека оваа изложба претставува негово враќање кон минатото, уште од времето кога дипломираше во Загреб и кога започна да работи со текстил како употреблив материјал. Сега повторно се навраќа на таа стара традиција и, гледајќи ја изложбата денес, можам да кажам дека таа има повеќе слоеви“.
Изложбата на Благој се базира пред сè на плетени и везени милјина, кои биле дел од домашното производство на жените од неговото семејство низ генерации, и тој става посебен акцент на семејството, домот, заедницата и наследството.
„Користејќи ја техниката на трансформација, за да им даде ново значење на предметите, тој нè воведува во еден нов циклус кој може уште многу да се развива, и како сценско дело и како костимографско остварување, нудејќи богата сценска импресија. Сметам дека, покрај тоа што става акцент на предметите, тој става акцент и на нашето чувство за наследството, и преку оваа форма на изразување ни овозможува да видиме како традиционалните форми можат да живеат и во денешно време. Со тоа, мислам дека изложбата ја постигна својата цел“, додава Геневска Брачиќ.
Мицевски изложи и фамилијарни портрети врамени во плетени рамки како и повеќе таписерии создадени од постоечки елементи, но и рециклирани текстилни материјали употребени на начин кој асоцира на традиционални ракотворби, овојпат во современ контекст. Стручни соработници беа м-р Љупка Стефановска, м-р Валентин Соклевски, лектор Лилјана Јовановска, превод на англиски за каталогот Јулијана Павловска, компјутерска обработка Никола Трајковски, фотограф Благој Мустриковски. 


