Home » Влатко Стефановски со специјално признание на филмскиот фестивал во Вуковар

Влатко Стефановски со специјално признание на филмскиот фестивал во Вуковар

by culturalchat

На церемонијата на доделување награди по повод јубилејното 20-то издание на Филмскиот фестивал во Вуковар, одржана во Хрватскиот дом, еден од навлијателните музичари, Влатко Стефановски, доби специјално признание за својот придонес кон филмската музика, кое му го врачија медиумските партнери на фестивалот, „Croatia Records“ и телевизијата „CMC“. Во текот на кариерата што опфаќа повеќе од пет децении, Стефановски компонирал музика за разни филмски и телевизиски проекти; неговиот пристап кон филмот се одликува со препознатлив гитарски стил и способност да го искористи звукот за дополнително да ја изгради атмосферата на приказната.

„Филмската музика е неговиот емотивен јазик, а гитарата на Влатко честопати не е само инструмент, туку и раскажувач. Затоа, оваа награда му оддава признание на еден голем уметник – кој ја компонираше својата прва филмска музика во 1979 година за анимираниот филм ‚Циркус‘ и чија ‚Gypsy Song’ од филмот ‚Gypsy Magic‘ стана регионален хит – но таа истовремено ја вреднува и самата музика, која на филмот му дава динамика и атмосфера, истовремено засилувајќи ги емоциите“, истакна Клаудија Чулар, главна уредничка на „Кроација рекордс“ (Croatia Records), која му ја врачи наградата на Стефановски. Самиот тој – кој има компонирано музика за повеќе од 17 играни филмови, неколку телевизиски проекти и анимирани филмови – најдобро опиша како работата на филм се разликува од создавањето оригинална музика.„Навистина сум почестен со ова признание и пријатно ме изненадивте. Во текот на мојата 50-годишна кариера, создадов голем број композиции за разни телевизиски проекти. Работата на филм е исклучителен предизвик, бидејќи треба да се усогласите со темата на филмот и визијата на режисерот. Кога ги снимам сопствените албуми, имам апсолутна слобода во создавањето на песните. Мило ми е што имав можност да соработувам со некои од нашите големи режисери, како што се Столе Попов, Гоце Васков или Рајко Грлиќ на филмот ‚Три за среќа‘“, изјави Стефановски. Преку својата работа, тој покажа дека гитарата може да биде многу повеќе од обична музичка придружба, кревајќи ја публиката на нозе со изведбата на „Gipsy Song“. За Стефановски – кој претходно оваа година доби специјална награда „Порин“ за животно дело и кој во текот на својата кариера со подеднаква посветеност творел на сцената, во студиото и за филм – ова признание претставува уште еден потсетник за широкиот опсег на неговото творештво.

Фотографија: Архива на Филмскиот фестивал во Вуковар

Related Articles