Home » 12 филмови во главната селекција на 47-то издание на ИФФК „Браќа Манаки“

12 филмови во главната селекција на 47-то издание на ИФФК „Браќа Манаки“

by culturalchat
Селекторот на главната компетиција, Слаѓан Пенев информираше за филмовите кои ќе бидат прикажани на свеченото отворање и затворање на Фестивалот, а се дел од главната селекција која брои 12 филмови.
-Програмата „Камера 300 на 47-то издание на ИФФК „Браќа Манаки“ се состои од дванаесет филмови кои својата меѓународна премиера ја имале во 2026 година на некои од најголемите филмски фестивали во светот.  Меѓу нив и два нови домашни филмови, со кои ќе биде отворен и затворен фестивалот. Филмот СКЕЈТАЊЕТО НЕ Е ЗА ДЕВОЈЧИЊА на режисерката Дина Дума и кинематограферот Фредерик Нуаром ќе ја има својата македонска премиера.
Вториот македонски филм во програмата „Камера 300“ ќе биде НЕМА ДА ВИ СЕ ВЕРУВА ШТО СЕ СЛУЧИ ПРЕТХОДНО во режија на Срѓан Јаниќијевиќ, а директор на фотографијата е Дејан Димески. Овој филм деновиве ќе ја има својата меѓународна премиера на Филмскиот фестивал во Олденбург. Димески има освоено Бронзена Камера 300 на фестивалот „Браќа Манаки“ во 2017 г. за филмот ЖАБА во режија на Елмир Јукиќ, а неговите филмови БАЛКАНОТ НЕ Е МРТОВ (2013), ОСЛОБОДУВАЊЕТО НА СКОПЈЕ (2016) и МИМИ (2022) претходно биле дел од програмата „Камера 300“.
Уште еден филм од оваа програма во чие создавање има македонски удел е филмот СРАМ И ПАРИ на режисерот Висар Морина и  кинематограферот Јанис Мазух, во германско-косовско-словенечко-македонско-белгиско-албанската копродукција. Филмот забележа голем успех годинава на многу фестивали, премиерно беше прикажан на почетокот на оваа година на Санденс фестивалот, каде ја освои една од главните награди – големата награда на жирито за драмската програма (World Cinema Grand Jury Prize: Dramatic).
Од непосредното соседство ни доаѓа и филмот ДО КРАЈОТ НА ДЕНОТ, во режија на дебитантката Јелена Максимовиќ, а кинематографер е Паул Шпенгеман. Овој филм кој ќе биде деновиве премиерно прикажан на Филмскиот фестивал во Венеција, во програмата „Хоризонти“ е копродукција помеѓу Србија, Бугарија, Словенија, Црна Гора, Хрватска и Германија, а регионалната премиера ќе ја има токму на ИФФК „Браќа Манаки“.
Меѓу останатите филмови во програмата „Камера 300“, има уште неколку големи режисерски и кинематограферски имиња, а дел од нив и претходно учествувале на фестивалот „Браќа Манаки“. Тандемот Илкер Чатак и Јудит Кауфман по вторпат ќе биде во главната програма на „Манаки“, откако пред две години ја освоија Златната Камера 300 за филмот НАСТАВНИЧКА КАНЦЕЛАРИЈА. Овој пат, нивната напната психолошка, семејна и политичка драма ЖОЛТИ ПИСМА доаѓа во Битола по успешна фестивалска промоција низ многу европски и светски фестивали, како и една од најголемите филмски награди – Златната мечка од Берлинале.
Уште два препознатливи режисерско-кинематограферски тандеми чии дела биле и претходно учесници на нашиот фестивал ќе бидат претставени во годинешнатта програма. Тандемот Павел Павликовски – Лукаш Жал со филмот ТАТКОВИНА, последниот од „историската трилогија“ на Павликовски, по антологиските ИДА (2013) и СТУДЕНА ВОЈНА (2018), добитници на Сребрена и Бронзена Камера 300 на ИФФК „Браќа Манаки“. Другиот тандем, Андреј Звјагинцев – Михаил Кричман, ни го носи  филмот МИНОТАУР, по претходното гостување на програмата на „Манаки“ со ЛЕВИЈАТАН (2014) и БЕЗ ЉУБОВ (2017).
Покрај старите пријатели на фестивалот, преку оваа програма имаме чест да ги запознаеме и новите мајстори на филмската фотографија, меѓу кои е и бразилскиот кинематографер Адолфо Велозо, кој минатата година му се претстави на поширокиот филмски свет со визуелната лирика во фимот СОНИШТА НА ШИНИ во режија на Клинт Бентли. Неговиот удел во филмот КРАЛИЦА НА ОТВОРЕНО МОРЕ, режиран од Ленс Хамер, е значителен, со суптилно засилување на атмосферата на агонија и емотивно разорување, претворајќи ја оваа семејна драма во визуелно интензивно и вознемирувачко искуство. Меѓу новиот бран кинематографери, како активни соучесници во создавањето на значајни современи филмски дела и чие време допрва доаѓа, во рамките на програмата „Камера 300“ ќе ги видиме и делата на Гералд Керклец (со филмот РОЗА, во режија на Маркус Шлајнцер), Ана Драгичи (со филмот АТЛАС НА УНИВЕРЗУМОТ, во режија на Паул Негоеску), Ману Тилински (со филмот ЛАВ НА МОЈОТ ГРБ, во режија на Тониа Мишиали) и Жонгџианг Лианг (со филмот НЕПОЗНАТА ДЕВОЈКА во режија на Зоу Џинг), рече Пенев.

Related Articles