Home » Специјална награда за претставата „Кокошка“ на Меѓународен фестивал на современа драма во Русија

Специјална награда за претставата „Кокошка“ на Меѓународен фестивал на современа драма во Русија

by culturalchat

Театарската претстава „Кокошка“ на независниот театар Вортекс во копродукција со НУ Театар Комедија, ја освои Специјалната награда на Меѓународниот фестивал на современа драма „Кољада плејс“ („Kolyada-Plays“, 2026), што се одржа во Екатеринбург, Русија.Претставата работена по делото на Николај Кољада, е во режија на Теодора Силјаноска. Во истата играат Биљана Драгиќевиќ-Пројковска, Ане Блажовски, Ванеса Тримчевска, Toме Станковски и Кристина Гиева. Костимограф е Maрија Пупучевска, соработник за сценски движења Дарко Велиќ, изборот на сценографија и музика е на Teoдора Силјаноска, додека дизајнер на плакатот е Михаил Велески.

„Кокошка“ се занимава со копнежот по слобода, љубов и соништа во свет што станува сѐ постуден и апатичен. Низ апсурд, импровизација и баналност, ликовите создаваат жив театарски чин како начин да се справат со сопствениот внатрешен хаос и извитоперените вредности што ги опкружуваат. Налик на џезери, импровизатори, аматери и големи професионалци тие играат против непредвидливото и тешко изговорливото. Во срцето на претставата е младоста, која како бесна глиста вража и ги буди заспаните копнежи за нешто поубаво. „Кокошката“  е немирна, искрена и гладна за промена, судрена со стравот, рамнодушноста и затворениот систем“.Театар Вортекс е независен театарски колектив посветен на современата изведувачка уметност, интердисциплинарната соработка и општествено ангажираната уметничка експресија. Kолективот обединува млади театарски уметници кои истражуваат физички театар, поетска драматургија и експериментален сценски јазик, преку авторски продукции, работилници и меѓународни соработки. На фестивалот беа и 28 продукции од различни градови во Русија. Претходно претставата беше наградена на 10. издание на PITF “Burbuqe Berisha” со Награда за најдобра претстава, како и Награда за најдобра актерка на фестивалот за Билјана Драгиќевиќ Пројковска.
Вечер ќе биде изведена пред публиката на Скопско лето, во Едукативниот културен центар „Лабораториум“, со почеток во 20:30 часот.

Related Articles