11. издание на МФФ Киненова свечено се отвора вечерва во киното „Фросина“ во МКЦ со филмот „3 недели подоцна“ на Мирослав Терзиќ. Станува збор за истакнат српски филмски режисер и сценарист, препознатлив по своите длабоки социјални и политички драми кои обработуваат тешки општествени теми. Неговиот најнов филм од 2026 година се работеше под работниот наслов „Екскурзија“ и претставува сурова и емотивна драма која се занимава со врсничкото насилство и тинејџерскиот суицид. Имаше светска премиера во главната натпреварувачка програма на 60. Филмски фестивал во Карлови Вари, каде ја освои престижната награда Europa Cinemas Label, а потоа беше прикажан и на Сараевскиот филмски фестивал.
Станува збор за силен и ангажиран филм, кој е исклучително емотивен и се чини дека директно ќе комуницира со публиката во Македонија, бидејќи темата е многу болна и актуелна во современото македонско општество. На прашањето во која мера очекува неговата порака да допре до младата публика преку новиот филм, Терзиќ вели:
–Би сакал филмот пред сè да допре до младите, бидејќи тој зборува за свет што тие добро го познаваат – можеби дури и подобро од нас, возрасните. Не сакав да им испраќам пораки ниту да им кажувам како да размислуваат. Повеќе се трудев да ги слушнам и да покажам како насилството, притисокот и неодговорноста на возрасните стануваат дел од нивниот секојдневен јазик. Ако се препознаат во филмот или ако по неговото гледање посакаат да разговараат за она што го виделе – тоа за мене веќе претставува многу.
