На сцената на НУЦК „Трајко Прокопиев“ – Куманово вчеравечер одекна силен и долг аплауз за екипата на НУ Народен театар Битола, која со својата изведба повторно ја воодушеви и ја насмеа до солзи публиката која ја исполни салата до последното столче. „Секстет“ и овојпат покажа дека добрата комедија не познава граници – се игра, се чувствува и се споделува со публиката.
„Од срце му благодариме на организаторот на фестивалот „Денови на комедијата“ за поканата, прекрасното добредојде и гостопримството. До следната средба – со уште многу смеа, аплаузи и театарски моменти“, истакнуваат од Битолскиот театар.
Претставата „Секстет“ секогаш го полни гледалиштето до последното место, комедијата од Марк Камолети, во режија на Марјан Георгиевски, па така и овојпат салата беше исполнета со публика која ги награди актерите на Битолскиот театар со долготрајни аплаузи. Недоразбирања, тајни, љубовни заплети и урнебесни пресврти секогаш ја тераат публиката да се смее од почеток до крај. Зошто комедија? Затоа што премногу долго сме сериозни.
Живееме во време на прегласни информации и постојани кризи. Научивме како да бидеме загрижени, заборавивме да се смееме. Во претставата играат: Бернар -Николче Пројчевски, Жаклина-Катерина Аневска Дранговска, Роберт -Александар Димитровски, Сузан-Сандра Грибовска Илиевска, Сузет -Анастасија Чипуровска, Џорџ-Борче Ѓаковски.
Костимографијата е на Андреј Георгиевски, сценографијата на Влатко Чачоровски, музика -Александар Димовски. 29.издание на Фестивалот оваа година се одржува од 23 септември до 5 октомври. Во текот на фестивалските денови, публиката има можност да проследи театарски претстави исполнети со хумор, квалитетна актерска игра и препознатлива фестивалска атмосфера преку изведба на театрите од Македонија и земјите од регионот. Фестивалот ќе биде затворен со претстава надвор од конкуренција, посветена на годинашниот лауреат Игор Џамбазов. Фестивалот е поддржан од Министерството за култура и туризам и од Општина Куманово.
Фотографии: Неда Арсениевска, Никола Ивановски.


