На 22. мај со почеток од 19 часот, во Н.У.Ц.К. Кочо Рацин – Кичево, ќе се одржи промоцијата на првата збирка песни „Чувства на хартија“ на авторот Николче Миланоски.
„Зборови од животот.
Емоции претворени во стихови.
Мисли што останале на хартија“.
Настанот е дел од културната програма во градот, а збирката претставува прво самостојно поетско издание на Миланоски. На промоцијата се очекува присуство на љубители на поезијата, како и претставници од културниот сектор. Збирката песни насловена „Чувства на хартија ” се состои од 60 (шеесет) песни создадени во текот на неколку години.
Во нив се собрани лични чувства,искрености и моменти од секојдневието претворени во стихови. Книгата е издадена од издавачката куќа Ирис Струга.
„Поезијата отсекогаш била тивок разговор помеѓу човекот и неговата душа. Понекогаш зборовите доаѓаат лесно, а понекогаш долго остануваат скриени во мислите, додека не го пронајдат својот пат кон хартијата“, вели авторот Миланоски.
Рецензент и промотор на збирката е писателката Оливера Ширговска. Настанот е составен дел на програмата Кичево – Град на културата, поддржан од Општина Кичево и Министерството за култура. Една недела претходно на 15-ти мај, публиката ќе може да го види авторот Николче Миланоски и како еден од учесниците во Алманахот од 17 кичевски автори.

