Home » Изложбата „Проникнување“ на Кристина Хаџиева утре во Битола

Изложбата „Проникнување“ на Кристина Хаџиева утре во Битола

by culturalchat

Изложбата „Проникнување“ на Кристина Хаџиева ќе биде отворена во четврток на 17.09.2026 со почеток во 20.00 ч. во Офицерскиот дом-КИЦ Битола.

„Проникнување“ следи од „Интимност“. Од мојата лична состојба на интимност, од допирот до нешто, во еден миг тоа нешто почна да расте, да се отвора, да проникнува, да добива динамика и да се поврзува. Проникнување на самиот живот и моето внимание кон она што во мене проникнува. Одовде понатаму се обликува делото што сега го гледаме пред нас. После отворањето од 20:30 часот, водам внатрешно поврзување – за да можеме делото да го видиме и разбереме одвнатре, надвор од концептите и шемите на умот, и да си дозволиме да го доживееме. За мене е важно: кој гледа, кој чувствува и кој слуша“, истакнува авторката на изложбата Хаџиева.

Кристина Хаџиева (1982, Скопје) е визуелна уметница која работи во областа на цртежот, сликарството, инсталацијата и интердисциплинарното истражување. Дипломирала на Факултетот за ликовни уметности во Скопје во 2006 година. Во својата уметничка работа истражува теми поврзани со интимноста, идентитетот, телото, природата и единството меѓу видливото и невидливото, со особен интерес за внатрешното искуство, присутноста и начинот на кој гледаме и препознаваме. Автор е на повеќе самостојни изложби во Македонија и Германија. Во 2026 година ги реализира самостојните изложби „Поврзување“ во Музеј-галерија Кавадарци и „Поблиску од здивот“ во Културно-информативниот центар – Скопје, како и изложбата „Проникнување“ во Културно-информативниот центар – Битола. Член е на ДЛУМ и ДЛУБ, активен член на уметничката група МОМИ, и еден од основачите на Култниот арт институт. Во 2026 година учествува и на групната Годишна изложба на ДЛУБ, како и на изложбата „Цртеж – експериментален цртеж“ во организација на ДЛУМ.
Нејзиното уметничко творештво опфаќа цртеж, сликарство и интердисциплинарни истражувања, со континуирано присуство на македонската современа уметничка сцена. Изложбата е финансирана и поддржана од Министерството за култура и туризам, Општина Битола и Културно-информативниот центар – Битола.

Related Articles