Во Безистенот во Битола, се одржа промоција на изложбата на стари фотографии насловена „Од Ат Пазар до Дрвен Пазар; калеидоскоп на едно минато време“. Изложбата подготвена од тим од Битолскиот Архив (Душан Божиновски, Марија Дурлова, Димитар Ѓоргиевски, Христина Котеска Дријовска и Гоце Стојановски) беше реализирана во соработка со Центарот за култура Битола во рамките на фестивалот „Илинденски денови“.
Изложбата ја отворија директорот на Државниот Архив на Р. Македонија м-р Димитар Богески, директорот на НУ Центар за култура – Битола м-р Сашо Илковски и раководителот на одделението Битола м-р Гоце Стојановски. Директорот Богески ја потсети јавноста за значењето и важноста за промоција на архивскиот материјал преку ваков тип на настани.„Нашите вработени од Одделението во Битола се вистинските чувари на историјата и колективната меморија на градот. Благодарение на нивната работа, денес можеме да оживееме дел од богатото економско, општествено и културно минато на Битола. Оваа изложба не е само приказ на стари фотографии, туку живо сведоштво за духот на градот и неговите пазари, кои со векови биле центар на трговијата и општествениот живот“, истакна директорот Богески.
Раководителот Стојановски се осврна пак на начинот на кој се дојде до идеја за оваа изложба, за значењето на битолските пазари во минатото и потребата за нивно зачувување од заборав. Изложбата е изведена на медиум 10 висечки паноа од церада со принт од двете страни и е замислена како повеќедимензионално искуство за допир со 7 од Битолските пазари преку локацијата (Безистенот), фотографиите и текстовите достапни преку QR кодовите на паноата кои ве водат до дигиталната изложба на страната на „Илинденски денови“ (https://ilindenskidenovi.com/mk/iz26/).
Прошетајте низ минатото, скенирајте ги QR-кодовите и откријте како пулсирал трговскиот и општествениот живот на градот низ децениите.
Изложбата во Безистенот ќе биде поставена до 31.јули.
Фотографии: Ивона Кочов


