Директорот на Џез фактори фестивалот, проф. Сашо Поповски го претставува своето второ учество како член на International Partners Council на 50 издание на Jazz Juniors – Kraków, Poland, каде што од 1 до 5 октомври ќе има можност да биде дел од меѓународниот фестивалски совет.
„За мене, ова учество не е само лична чест, туку пред сè можност за претставување на македонската џез сцена, Битола и нејзиниот културен потенцијал пред меѓународната џез заедница. Како директор на Jazz Factory Festival – Bitola, продолжувам да работам на создавање мостови меѓу македонските музичари и меѓународната џез сцена – преку соработка, размена, вмрежување, нови партнерства и отворање можности за развој и промоција на македонските уметници“, истакнува Поповски.
Посебен фокус во Краков ќе биде и презентацијата на Националната Џез Платформа на Македонија – иницијатива насочена кон поврзување на македонските џез музичари, музичката академија при УГД Штип, фестивали, институции и организации, како и нивно поактивно вклучување во европските и меѓународните џез мрежи.
Од Битола до Краков.
Од Македонија кон Европа и светот.
Од фестивалска сцена кон нови партнерства и можности.
„Верувам дека македонскиот џез има што да понуди на меѓународната сцена – со својот талент, креативност, авторски израз и енергија. Jazz Factory Festival продолжува да гради мостови. За македонскиот џез да биде слушнат, препознаен и поврзан со светот“, додава Поповски.
