Home » Директорот на ИФФК.„Браќа Манаки“ Димитрија Доксевски на прием кај претседателката Гордана Сиљановска Давкова

Директорот на ИФФК.„Браќа Манаки“ Димитрија Доксевски на прием кај претседателката Гордана Сиљановска Давкова

by culturalchat

Во пресрет на 47. издание на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“, претседателката на Македонија, Гордана Сиљановска Давкова, како покровителка на фестивалот, ги прими директорот Димитрија Доксевски, актер, сценарист и продуцент и Марија Димитрова, продуцентка и претседателка на Друштвото на филмски работници.
Доксевски и Димитрова информираа за импресивната програмска содржина, што брои над 80 филмови и повеќе од 20 едукативни содржини врзани за филмската камера и уникатниот визуелен јазик. Посебен печат на 47. издание му дава присуството на славни имиња од светската кинематографија, меѓу кои и Дан Лаустсен, добитник на „Златна камера 300“ за животно дело и Џеф Кроненвет, кому му се доделува специјалната „Златна камера 300“, за особен придонес во филмската уметност. За одбележување е повторното доаѓање на полско-американскиот кинематографер и двократен оскаровец Јануш Камински, кој во 2020 година ја прими „Златна камера 300“.
„Според мене, долговечноста и високите уметнички стандарди и критериуми, го легитимираат ,,Браќа Манаки“ како фестивал од меѓународен формат. Битола, кога почетокот и крајот им припаѓаат на македонски филмови, станува светска кинематографска метропола на културен дијалог и натпревар, во којшто рамноправно учествуваме, докажувајќи дека малото може да биде убаво и уметнички големо“, истакна претседателката Сиљановска Давкова.

Related Articles