Симон Трпчески, светски познатиот македонски класичен пијанист, синоќа одржа концерт во античкиот театар во Хераклеа во Битола во организација на „Прагма продукција“ со поддршка на Општина Битола. На настанот присуствуваше и претседателката на Македонија Гордана Сиљановска Давкова, како и градоначалникот на Општина Битола Тони Коњановски.
„Трпчески е еден од најафирмираните македонски изведувачи и веројатно најдобриот македонски пијанист на сите времиња. Toj е еден од најголемите културни амбасадори на Македонија во светот, настапувајќи на големите музички светски сцени и добитник на многу награди и признанија. Критичарите го опишуваат како пијанист со исклучителна техника и длабока музикалност. Да го слушате Трпчески во античкиот театар во Хераклеа е привилегија – класична музика од светско ниво во амбиент кој е стар со милениуми. Ова е настан кој ретко се случува и во кој сите уживавме“, истакна Коњановски.
Македонскиот пијанист Симон Трпчески се етаблираше како еден од најистакнатите музичари на светската сцена, настапувајќи со повеќе од 100 оркестри на четири континенти, под водство на водечки диригенти и во најпрестижните концертни сали. Трпчески е препознатлив по својата моќна виртуозност и длабоко експресивен пристап, како и по својата харизматична способност да воспостави врска со најразлична публика ширум светот и по својата посветеност кон зајакнувањето на културното наследство на Македонија.


