Синоќа во старата битолска чаршија осветлена во фестивалски амбиент со настапот на ансамблите ,,Чапче и Тајфата” ,,Филип Шурбевски Езгија квартет” и ,,Мерак Чалгии” со Димитар Андоновски и Бојан Стојков започна првото издание на Битолски чалгиски денови, фестивал кој ја враќа чалгијата во срцето на Битола. Долгогодишната чалгиска традиција, која во Битола зазема истакнато место уште од крајот на минатиот век, оваа година доби своја посветена манифестација. Оригиналните песни, инструменти и препознатливиот звук, кои за Битола и битолските боеми значеле многу и денес оставаат силен печат во секојдневието на градот. Оваа година чалгијата на посебен начин ја заживува Битола, а посебно Старата битолска чаршија.
Во организација на Културно-информативниот центар (КИЦ), а во рамките на Битолското културно лето БИТ ФЕСТ, од до 16 август се одржува овој фестивал. Чалгиската музика во Битола потекнува од богатата градска музичка традиција, којашто со векови комуницирала со големите светски музички центри. Влијанијата од Истанбул, Солун, Дамаск, како и од Виена и Париз, го обликувале она што денес го знаеме како чалгиски звук. Слично на модата од тоа време и музиката се делела на „Ала Турка“ и „Ала Франга“. За Битола и битолските боеми, оваа музика со нејзините оригинални песни и инструменти значела премногу, што е потврдено и од бројните преданија и легендарни музички имиња кои оставиле неизбришлив траг во културното наследство на градот. Овогодинешното прво издание на фестивалот „Битолски Чалгиски Денови“ го претставува идејниот концепт кој означува патување низ времето, инспирирано токму од боемскиот живот и музичката традиција кои со децении претставуваат препознатлив дел од идентитетот на Битола. Целта на овој настан, е да се оживее автентичната атмосфера и духот на Старата чаршија.
Во текот на фестивалот, Старата битолска чаршија се претвора во вистинска, жива сцена на старото битолско боемство.
Вечерва, програмата продолжува.
Во 18:00 часот, Широк Сокак ќе биде исполнет со фестивскиот дух преку пајтонско дефиле, кое низ препознатливиот битолски амбиент ќе го најави вториот фестивалски ден.
Од 20:30 часот, во Старата битолска чаршија повторно настапуваат „Чапче и Тајфата“, а во 22:00 часот следуваат „Љубојна“ и Битолскиот чалгиски оркестар.
Битолски чалгиски денови – првиот фестивал посветен на чалгијата во Битола.


