47. издание на ИФФК „Браќа Манаки“ заврши таму каде што сè започнува … со сликата. На свеченото затворање, салата на Центарот за култура стана дел од филмот. Архитектурата се претвори во огромно платно, а преку 3D видео-мапинг архивските снимки на браќата Манаки излегоа од екранот и се раширија низ целиот простор.

Минатото не беше само прикажано. Беше повторно пуштено во живот. Автор на визуелниот приказ е Флориан Чанга, кој преку оригиналните снимки на Јанаки и Милтон Манаки ја врати публиката во времето што тие го документираа…распадот на една империја, почетокот на нов век, политиката, верата, секојдневието, селата и градовите, убавината и тагата на обичниот живот. Како што вели Чанга, со една едноставна, речиси наивна камера, браќата Манаки ни оставиле нешто многу поголемо од филмски записи, ни оставиле можност денес повторно да ги видиме луѓето и времето што исчезнале.
И токму тоа се случи синоќа во Битола.
Од првите кадри снимени на Балканот до современа визуелна технологија, повеќе од еден век слика се спои во една сала.
А потоа … повторно филм 🎞️
Вечерта продолжи со македонската премиера на „Нема да ви се верува што се случи претходно“, во режија на Срѓан Јаниќијевиќ.
47. „Браќа Манаки“ завршува.
Светлината останува.
фотограф | Горан Кузмановски.
