Од 24 до 27 јуни, Битола повторно ќе живее во ритамот на фестивалот „Битола Отворен Град“, манифестација која низ годините прерасна во препознатлив простор за современа култура, музика, младински иницијативи и граѓанско учество. Под мотото дека многу градови имаат фестивали, а овој фестивал има свој град, овогодинешното издание ќе ги отвори улиците, кафулињата, јавните простори и културните локации за серија настани што ги поврзуваат уметноста, музиката, едукацијата и заедницата. Годинашната програма обединува уметници, музичари, предавачи и DJ артисти од Македонија, Словенија, Србија и Грција, потврдувајќи ја регионалната димензија на фестивалот и неговата улога како простор за културна размена и соработка.

Фестивалот започнува на 24 јуни со изложбата на минијатури „Ела поблиску“ од Тони Соколов Солза и традиционалната вечер посветена на пријателите и поддржувачите на фестивалот, збогатена со настап на Пијан Славеј и Добрила Грашеска. Следниот ден е резервиран за младите и новите генерации преку DJ работилницата со Herzel и едукативната работилница „Money Talks – Финансиска писменост за новата генерација“. Вечерта продолжува со Sunset Chillout Zone, концертот на словенечкиот бенд Lelee, а потоа и со „Triple DJ Attack“ концепт што ја претвора Битола во отворена музичка сцена. Во три различни градски локали ќе настапат артисти од три земји: грчкото дуо Tendts b2b Unickue, српската диџејка Dee и македонскиот DJ артист Herzel, создавајќи вистинска регионална музичка мрежа низ градот.
На 26 јуни фестивалот носи и општествено ангажирана содржина преку јавната дискусија „Дали сме навистина добро?“, реализирана во соработка со Центарот за психотерапија „Свесност“, отворајќи важни прашања за менталното здравје и современиот начин на живот. Вечерта продолжува со голем концерт на Широк Сокак, каде ќе настапат Eruption, Суперхикс и српскиот состав Osmi Dan (tribute to Linkin Park, Metallica, Prodigy, Billy Idol, U2, Moby, Ramones, Rammstein, Limp Bizkit…). Последниот фестивалски ден започнува со Берза на винили и DJ сетови, а завршува со концертна вечер во Скејт Паркот со настапите на Paranoid, The Pot и Sinful Glare, бендови кои ја претставуваат енергијата на домашната инди сцена.
Фестивалот „Битола Отворен Град“ е во организација на Младинскиот културен центар – Битола со поддршка на Општина Битола во рамките на Годишната програма за култура и од партнерите и поддржувачите од бизнис секторот и претставува една од најзначајните летни културни манифестации во градот. Неговата цел не е само да понуди програма, туку да создаде простор за средби, разговори, идеи, музика, уметност и заедништво. Затоа што понекогаш најдобрите фестивали не се случуваат на една сцена.
Туку во целиот град.
