17- то издание на Балканскиот етно-фјужн фестивал „Локум фест-музика и традиција“ 2023 ќе започне на 18.07 на платото на Офицерски дом со промоција на новиот албум на групата „Баклава“ во 20.30 ч.Програмата продолжува со музиката која доаѓа од соседна Грција и Loxandra Ensemble – Λωξάντρα во 21.30 ч. Оваа година за прв пат на Локум фест има и ОФФ програма , па така првата вечер во Вино бар Буре на Магнолија истата ќе биде со Баклава и гостите од Грција.
„Нашата пасија за откривање на традиционалните музички спомени и звуци на конзулска Битола, ни ги носи нашите „битолчани“ од Њујорк, Elias ladino ensemble, а соработката со Државниот архив-одд.Битола ни донесува прекрасна изложба на фотографии од музичкиот живот на битолските евреи. Втората вечер ја затвораме со познатиот македонско-словенечки мајстор на саксофон Васко Атанасовски и промоција на неговиот албум на балканска музика„Мелем“ со пеачката Добрила Грашеска“, ни изјавија од Локум фест.
Дружбата продолжува во Хотел Театар со ладино музика, поезија, закуска, дружба.
Последната вечер на 20.07 е резервирана за Старата Битолска чаршија каде ќе се случува фестивалското „крешендо“. Покрај пешачката улица крај Драгорот, посетителите ќе имаат можност да погледнат ракотворби, да се засладат со локуми, турско кафе, добра храна и радост, а воедно ќе уживаат во мајсторијата на Вевки Амедов и неговите „Јужни звезди“, славејќи ја ромската култура. Токму оваа вечер се и специјалните гости од партнерскиот фестивал Резонатор од Данска кои со поддршка на MOST music доаѓаат во Битола.
Групата „Ypek Yolu“ или патот на свилата е харизматична спојка на традиционална анадолска народна музика и фанк фјужн, музика која има една единствена цел-да ве разигра и опушти.Традиционално на сите три фестивалски вечери ќе бидат присутни ЗУР Македонски ракотоворби , ќе има крушевски и битолски локум, и презентации на рачно изработени производи и секако кафе.
Фестивалот се реализира со средства на Министерството за култура, Општина Битола, Пред плус фондацијата, Амбасадата на Р.Словенија во Скопје, Генералниот конзулат на Р.Грција во Битола, КИЦ Битола како и бројни пријатели и поддржувачи.