Со концерт на Воениот оркестар на Армијата во Филхармонија започна новото издание на фестивалот „Денови на македонската музика“. Диригент беше Горан Илијевски. На концертот беа изведени дела од македонските композитори создадени за голем дувачки оркестар:Благој Цанев, Горан Илијевски, Живојин Глишиќ, Михајло Штерјев, Томе Манчев, Илија Илиевски, како и композиција за дувачки оркестар од Густав Холст.Воениот оркестар во состав на баталјонот за Почести е единствен професионален дувачки оркестар од ваков карактер во државата, чија мисија е учество на протоколарни активности и воени свечености во организација на Армијата и на највисоките државни институции. Формиран е во 1944 година, во првите децении опстојува во рамките на поранешната ЈНА во состав на третата армиска област во Скопје, а по осамостојувањето на државата прераснува во голем дувачки оркестар и претставителен сегмент на Армијата. Оркестарот реализира повеќе концерти во склоп на активностите на Армијата и во соработка со локалните самоуправи во во повеќе места во државата, но и редовно ја претставува на меѓународен план.Програмата на 47. „Денови на македонската музика“ е во знакот на извонредното творештво на македонските композитори од поголем обем: симфониско, оперско, дела за гудачки оркестар, но и камерен опус. Со концертите ќе бидат одбележани и повеќе значајни јубилеи, на композиторите Томислав Зографски, Михајло Николовски, Стојче Тошевски, Живојин Глишиќ, Тодор Трајчевски, но и јубилеите на МРТВ – 80 години од основањето и НУ „Танец“ – 75 години од основањето.Програмата на фестивалот вклучува и премиерни изведби на дела од помладата генерација, како и изведби на дела што се вбројуваат во ремек-делата на сите генерации композитори. Со свои концерти ќе се вклучат и Националната опера и балет, Филхармонијата, камерниот ансамбл „Алтус“, а ќе заврши со традиционалната трибина посветена на состојбите со творештвото на македонските композитори.Уметничкиот одбор и СОКОМ, при кониципирањето на програмата, поаѓаат од фактот – домашното уметничко творештво зависи од сите нас, од нашата одговорност и од нашата грижа да овозможиме создавање, изведба и промоција на дела што ги означуваат нашите минато, сегашност и иднина.