Синоќа, на 34. МФКТ „Ристо Шишков“ во Струмица, „Едмонд“ на Народен театар Битола предизвика одлична реакција кај публиката. Претставата беше проследена со големо внимание, силна енергија од сцената, а по завршувањето – долги и искрени аплаузи за актерите и целиот авторски тим.
Уште една успешна средба со публиката и уште еден убав момент за претставата „Едмонд“, работена по делото на Дејвид Мемет, во режија на Оливер Мицевски. Ликот на Едмонд го игра Огнен Дранговски, а покрај него во претставата се и: Валентина Грамосли, Соња Михајлова, Марјан Георгиевски, Ана Грамосли, Борче Ѓаковски, Александар Стефановски, Филип Мирчевски, Викторија Степановска-Јанкуловска и Маја Андоновска-Илијевски. Сценографијата е на Валентин Светозарев, костимографијата на Благој Мицевски, а музиката на Марјан Неќак.
„Благодариме на фестивалот „Ристо Шишков“ и на струмичката публика за прекрасниот прием“, истакнуваат од Битолскиот театар.
Следното гостување на НТБ е на 18.септември на ТФД „Силјан Штркот“ во Прилеп со претставата „Пинокио“, а на 25 септември е предвидено гостување со „Кориолан“ на „Magical Nights in Bitrint“ во Саранда, Албанија.
