Во пресрет на Илинден и на празникот Свети Климент Охридски – Летен, директорот на Македонскиот КИЦ во Софија и дипломатскиот советник, проф. д-р Зоран Пејковски, ја претстави својата 25-та драма – првата литургиска драма во стих во историјата на македонската драматургија, составена од единаесет сцени и посветена на најголемиот охридски просветител, Свети Климент Охридски.
„Ова дело не е само книжевен чин туку духовен завет, научно и творечко сведоштво и благодарствен поклон кон личноста чија мисија ги надживеа вековите и се вгради во темелите на европската духовна и културна историја. Македонија е земја на духовни и цивилизациски почетоци. Токму од овде започнува европската мисија на Светиот апостол Павле, кој прв ја донесува Христовата благовест на европскиот континент. Оваа наша Македонска света земја подоцна му ги дарува на светот светите браќа Кирил и Методиј, рамноапостолите и творците на словенската духовна и книжевна преродба, а од нивното величествено дело произлегуваат нивните најдостојни ученици – Свети Климент Охридски, Свети Наум Охридски, Свети Ангелариј, Свети Горазд, Свети Сава и Свети Лаврентиј, чија просветителска мисија ја претвора Македонија во еден од најголемите духовни, просветителски и интелектуални центри на средновековна Европа“, вели проф. д-р Пејковски.
Оттука се издигнува светлината на словото, се создаваат темелите на словенската писменост, се формира првиот словенски универзитет и се гради културна вертикала што повеќе од единаесет векови останува живо цивилизациско наследство.
„Не случајно оваа драма се појавува во пресрет на големите светиклиментови јубилеи во 2026 година – 1.140 години од формирањето на Светиклиментовиот универзитет и 1.110 години од упокојувањето на Свети Климент Охридски. Во 11 сцени, преку возвишениот ритам на стихот и литургиската драмска структура, Свети Климент се открива како просветител, архипастир, книжевник, педагог, мислител и духовен градител. Во ова дело тој не е само историска личност, туку жива духовна присутност, симбол на непрекинливото траење на словото и на вечната победа на знаењето над заборавот“.
Особена вредност на ова издание му дава рецензијата на проф. д-р Маја Јакимовска-Тошиќ, една од најистакнатите современи проучувачи на македонската средновековна книжевност, Охридската книжевна школа и кирилометодиевската традиција. Нејзиниот научен авторитет, длабокото познавање на изворите и врвната академска компетентност претставуваат највисока научна потврда за книжевната, историската и духовната вредност на ова дело. Нејзината рецензија е научна валоризација што ја позиционира драмата во поширокиот контекст на современата македонска книжевност и медиевистика.
Пејковски додава: „Благодарност упатувам до ПНВ Публикации, која со својата издавачка визија и високи професионални стандарди овозможи ова дело да ја добие својата достојна книжевна форма, како и до Општина Охрид, чија поддршка претставува уште една потврда дека делото на Свети Климент Охридски останува најсилниот духовен симбол на градот и на Македонија. Како писател, универзитетски професор, културен деец, дипломатски советник и директор на Македонскиот културно-информативен центар во Софија, отсекогаш сум верувал дека словото е највисок облик на духовна одговорност пред народот, историјата и идните поколенија. Со оваа, моја 25-та драма, принесувам благодарствен поклон пред величината на Свети Климент Охридски, пред бесмртноста на неговото дело и пред вечната светлина на македонското слово, кое од Охрид продолжува да го осветлува духовниот хоризонт на Европа. Верувам дека ова дело ќе биде уште едно сведоштво дека Свети Климент Охридски не му припаѓа само на минатото, туку и на иднината; дека неговото дело останува неисцрпен извор на духовна сила, научна инспирација и културна самосвест, а Македонија е вечен чувар на таа светлина што ги надживува вековите“.
