Home » Прва уметничка бригада во Креативна офанзива преку серија интерактивни изложби низ Битола и регионот

Прва уметничка бригада во Креативна офанзива преку серија интерактивни изложби низ Битола и регионот

by culturalchat

Преку проектот „Прва уметничка бригада“, младите од Битола и од руралните средини преку креативен процес ги именуваат проблемите со кои живеат секојдневно. Ова не се симболични теми и не се уметничка фикција. Ова се реални состојби што бараат реални одговори. Во рамките на креативниот процес 30 млади од Битола и околината, менторирани од уметницата Љубица Мешкова Солаковска, преку ready-made уметност создадоа уметнички скулптури од веќе употребени, на прв поглед „непотребни“ материјали претворајќи ги во моќни пораки упатени кон јавноста.Скулптурите се креативен израз на кој претходеа работилници за граѓански активизам каде учесниците дискутираа за своите предизвици и за своето секојдневие. Младите ги именуваа предизвиците со кои се соочуваат секојдневно: загаден воздух, младински миграции,влијанието на медиумите, губењето на личниот идентитет наспроти зависноста од технологија и социјалните мрежи, заборавањето на традиционалните и моралните вредности, психолошките притисоци, стресот. Како завршница на процесот, Фондација Божиновски Битола реализира пет интерактивни настани на различни локации: на Широк Сокак, во дворот на СОУ „Таки Даскало“– Битола, како и во училишните дворови во ООУ. „Славко Лумбарковски“ во Новаци, ООУ. „Браќа Миладиновци“ во с. Добрушево и ОУ. „Кочо Рацин“ во с. Ивањевци. Преку овие изложби, уметноста излегува од затворен простор и директно комуницира со заедницата.Скулптурите испраќаат силни пораки и отвораат значајни општествени прашања што ги засегаат младите денес: прифаќањето на загадената средина како секојдневна и нормална реалност; влијанието на медиумите и потребата од критичко размислување; дигиталниот идентитет и зависноста од технологијата; иселувањето и чувството на неизвесност што го носи; заборавените вредности и потребата од нивно повторно оживување; како и притисоците и предизвиците со кои секојдневно се соочуваат младите. Овие настани се отворени простори за дијалог каде посетителите не се само набљудувачи, туку учесници во процесот на размислување и интерпретација.Фондација Божиновски Битола во соработка со Центар за култура Битола и ЗГ Солак го реализира проектот Прва уметничка бригада кој покажува дека младите не се пасивни набљудувачи на реалноста, туку активни учесници во создавањето на нови идеи и можни иднини. Проектот е поддржан во рамки на проектот „Култура за развој” на Владата на Швајцарија, кој се имплементира од Хартефакт Фонд.

 

Related Articles