Home » Промоција на „Четворката на светлината“ на Игор Трајковски – Фоја во НУ Универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ Битола

Промоција на „Четворката на светлината“ на Игор Трајковски – Фоја во НУ Универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ Битола

by culturalchat

На 15. мај со почеток од 19:00 часот, во НУ Универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ – Битола, ќе се одржи промоција на новата книга на Игор Трајковски – Фоја, дело кое преку современа митологија, симболика и магична нарација отвора свет исполнет со храброст, добрина, светлина и чудесни патешествија. „Четворката на светлината“ претставува книжевно патување низ приказните на четири млади ликови кои преку своите стравови, соништа и духовни откритија нè потсетуваат дека секое дете, но и секој човек, носи светлина во себе.
Промоцијата ќе ја отвори М-р Емилија Стефановска Давкова, директорка на НУУБ „Св. Климент Охридски“ – Битола, публикуван автор и докторанд по меѓународно право на Правниот факултет „Јустинијан I“ во Скопје.
За книгата ќе говорат: Сашо Огненовски — писател, театарски критичар и комуниколог, долгогодишен познавач на современата литература и театар, Марјан Тасевски — професор по македонски јазик и литература, кој во својата работа постојано е во допир со младата читателска публика.
Промоцијата е реализирана во соработка со НУ Универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ – Битола, како продолжение на долгогодишната соработка помеѓу институцијата и авторот. Книгата е поддржана од Министерството за култура и туризам како дело од национален интерес, што дополнително го потврдува нејзиното значење во современиот македонски книжевен контекст. Во рамките на настанот ќе бидат изложени и авторски графики и илустрации од книгата, кои претставуваат важен дел од визуелниот и наративниот свет на делото.

Related Articles