Home » Плакета на Македонскиот културно-информативен центар во Софија за градоначалникот на Ресен Јован Тозиовски

Плакета на Македонскиот културно-информативен центар во Софија за градоначалникот на Ресен Јован Тозиовски

by culturalchat

„Афирмацијата на македонската култура, зачувувањето на нашето богато духовно наследство и неговото достоинствено претставување пред меѓународната јавност се темелни определби на мојата мисија како директор на Македонскиот КИЦ во Софија и дипломатски советник. Верувам дека културата е најмоќниот јазик преку кој еден народ го претставува својот идентитет, својата историја, својата творечка сила и својата духовна зрелост. Таа не е само чувар на минатото, туку активна сила што ја обликува сегашноста, создавајќи ја иднината“, ова го истакна директорот на Македонскиот КИЦ во Софија, проф. д-р Зоран Пејковски на средбата со градоначалникот на Општина Ресен, Јован Тозиовски.

Македонскиот КИЦ во Софија ја гради својата мисија врз принципите на културната дипломатија – создавање мостови на соработка, отворање простори за дијалог и афирмација на вредностите што ја претставуваат Македонија во нејзината највозвишена форма. Средбата беше посветена на можностите за продлабочување на културната соработка и реализација на идни заеднички иницијативи кои ќе придонесат за уште посилна афирмација на македонското културно наследство. На средбата се разговараше за суштинските прашања поврзани со културата, не само како област на творештво и уметност, туку како фундамент врз кој се гради националната меморија и духовниот континуитет на еден народ. Кога институциите ја препознаваат културата како заедничка одговорност, тогаш се создаваат услови за проекти кои имаат трајна вредност и значење за идните генерации.

„Особено внимание посветивме на можноста за збогатување на Спомен-собата на големата македонска ликовна уметница Кераца Висулчева, која се наоѓа во Домот на културата, по познат како „Сарај“ во Ресен, со нејзиниот автентичен клавир, кој денес се чува во депото на Македонскиот КИЦ во Софија. Оваа иницијатива претставува чин на враќање на еден дел од духовната меморија таму каде што тој природно припаѓа. Клавирот на Кераца Висулчева е сведоштво за нејзиниот животен пат, за нејзината творечка енергија и за времето во кое создаваше уметност што и денес има силна вредност и значење. Сметам дека културното наследство има вистинска смисла само тогаш кога е живо, достапно и кога продолжува да инспирира. Затоа, како институција, остануваме посветени на идејата вредните сведоштва од нашата културна историја да бидат соодветно зачувани, презентирани и ставени во функција на културното образование и националната меморија“, додава Пејковски.

Токму во тоа тој ја гледа суштината на културната дипломатија.

„Таа не е само претставување на културата надвор од границите на државата, туку создавање трајни врски преку кои културните вредности продолжуваат да живеат, да комуницираат и да поврзуваат луѓе и институции. Притоа на градоначалникот на Општина Ресен, Јован Тозиовски, му ја врачив Плакетата на Македонскиот културно-информативен центар во Софија: „За исклучителен придонес во афирмацијата на културните вредности, развивањето на културната дипломатија и поддршката на творечкото изразување, кое придонесува за изградба на културните мостови и зацврстување на трајните хуманистички вредности кои се во дослух со мисијата на Македонскиот културно-информативен центар во Софија.“ Ова признание го гледам како потврда дека културата е поле каде што се среќаваат визијата, одговорноста и посветеноста. Таа е најсилниот чувар на идентитетот и најблагородниот начин за градење разбирање меѓу луѓето. Оваа средба претставува важен чекор кон нови заеднички културни проекти меѓу Македонскиот КИЦ во Софија и Општина Ресен. Со заедничка визија и посветеност ќе продолжиме да работиме на афирмација на македонските културни вредности и на создавање дела што ќе останат како траен белег за идните генерации. Зашто, културата е нашиот најсилен глас пред светот. Таа е сведоштво за тоа кои сме, што создаваме и какви вредности оставаме зад себе“.

 

Related Articles