30 години Фолтин можат да се спаковаат во музика, слики, зборови, дизајни, простор, луѓе и идеи што продолжуваат да живеат.
Токму затоа, во годината на големиот јубилеј, Фолтин и Brainster Next College во Македонија влегоа во соработка каде студентите на Brainster Next College го изработија новиот веб-сајт на Фолтин, реален проект за реален бренд, кој од студентско портфолио стана дел од официјалниот свет на бендот.
За една генерација, Фолтин е музика што ја наследила. За друга е музика што допрва ја открива. А за некои, таа е материјал од кој се создава нешто ново. Студенти од програмата графички и UX/UI дизајн на Brainster Next College, инспирирани од музиката, енергијата и визуелниот свет на Фолтин, создадоа осум авторски дизајни за мерч, за новата ФОЛТИН ГАРДЕРОБЕР колекција.
Осум идеи. Осум различни погледи кон Фолтин.
И една тешка задача за бендот и тимот зад него: да изберат само еден.
Победничкиот дизајн е на Анисија Џуровска. Во воведот Анисија истакнува: „Овој фанзин е љубовно писмо до текстовите на Фолтин. Мала тетрарка со текстовите што останале со нас и нé направиле да се чувствуваме помалку осамени.“ Нејзините креативи ќе станат дел од идните приказни на ФОЛТИН ГАРДЕРОБЕР, а за неа следува и нешто повеќе од признание: ваучер/влезници за настанот со кој Фолтин ќе ја затвори својата прослава: 30 години дружење со публиката.
Што точно ќе се случува? – сега само ќе кажеме дека ќе биде ексклузивно и создадено да се доживее со сите сетила.
Концертот во Хераклеа беше само загревање.
30 години се слават малку подолго од една вечер.
