Оркестарот на Македонската филхармонија го одржa концертот насловен „Гајрет“ на кој како солисти настапija македонската перкусионистка Мојца Седеу и гостите од Турција – Бурџу Карадаг (неи) и Ајкут Коселерли (перкусии). Диригент беше Лубнан Баалбаки, а на програмата беа Концерт во два става за солист на удиралки и оркестар од Љубомир Бранѓолица, Концертот за неи и оркестар „Хезафрен“ оп 39 од Фазил Сај и Симфонија бр. 8 од Антонин Дворжак.
Парите од продадените билети, ќе бидат донирани како помош за настраданите во катастрофалниот земјотрес во Турција. Мојца Седеу од 1994 е постојан член на Филхармонијата. Како солист и камерен изведувач настапувала во Англија, Канада, Бугарија, Германија, Италија и др. промовира интерпретација на различни видови удирачки инструменти, и е една од најактивните музичари во својата генерација, а повеќе автори, инспирирани од нејзината креативна изведба, ѝ посветиле дела за удиралки.
Добитник е на награда за инструменталисти на интернационалниот натпревар „Музиката и Земјата“ и на специјална награда за интерпретација од Здружението на композиторите на Бугарија во 1998 година. Истата година добива признание за високопрофесионална презентација на тема „Камерна музика за удиралки“ Performing Arts Center Multimedia, а во 2001 година го добива признанието „Одлична педагошка работа“ – интернационален конкурс „Палиев – Финк“. Во 2006 година е добитник на наградата „Георги Божиков“ од СОКОМ. Од 1998 година е професор на Факултетот за музичка уметност во Скопје, а предава и на државните факултети за уметности во Приштина и во Тетово. Основач е на ансамблот за удирачки инструменти „Сонант“ во 1998 година.
Бурџу Карадаг e родена е во Истанбул, Турција. Настапувала како солистка во родната Турција, но и во Франција, Германија, Италија, Луксембург, Белгија, Јапонија, Казахстан. Албумот со снимени дела од Фазил Сај, на кој настапува како солистка, ја доби специјалната награда „Ехо“.Во 2019 година го издава цедето „Ney in Ethno Jazz“, на кое свири традиционални песни од Анадолија во џез-аранжмани.
Ајкут Коселерли е роден е во Анкара во 1985 година. Од 2013 година е перкусионист во оркестарот на Државната опера и балет во Самсун. Бил солист на многу премиерни изведби на дела од Фазил Сај – како Концертот за пијано и оркестар, балетската суита „Патра“, Концертот за кларинет и оркестар, Виолинскиот концерт „1001 ноќ во харем“, Концертот за неи и оркестар „Хезафрен“ и др.