Филмот „Момчето со светлосини очи“ (The Boy With The Light-Blue Eyes) беше прикажан во рамките на Специјалната селекција на годинешната програма на 47. издание на ИФФК „Браќа Манаки“. Станува збор за копродукција меѓу Грција, Хрватска, Србија, Кипар, Грузија, САД и Македонија, во која македонски продуцент е „Сектор филм“, предводен од Владимир Анастасов и Ангела Несторовска.
Филмот е дебитантски долгометражен филм на режисерот Танасис Неофотистос, а е снимен во Грција, на Пелопонез. „Сектор филм“ учествуваше во постпродукцијата, со македонскиот композитор Игор Василев Новоградска, кој ја потпишува музиката, и студиото „Вертиго“, задолжено за визуелните ефекти. Приказната го следи Петрос, момче со светлосини очи кое живее скриено зад маска во оддалечено планинско село, каде што владеат суеверие и страв. Живее со својата строга баба, која е градоначалничка, и со својата претерано заштитнички настроена мајка. Блискоста со неговиот пријател Аемон му помага да се доближи до сопствената вистина. Но кога неговите очи ќе бидат откриени, а селаните ќе поверуваат дека е проколнат, стравот прераснува во насилство и Петрос е принуден да избере меѓу покорноста и жртвата.
Кинематографер на филмот е Ѓорѓе Арамбашиќ, кој на прес-конференцијата зборуваше за пристапот кон визуелниот јазик на филмот и одлуката голем дел од сцените да бидат снимени од рака. „Самиот режисер инсистираше да се снима од рака затоа што така сме блиску до ликовите и подобро се пренесува нивната емоција.“ Арамбашиќ посочи дека ваквиот пристап бара и добра физичка подготвеност, а заедно со режисерот се договориле филмот да го градат динамично, следејќи ја неговата жанровска трансформација, од криминалистичка приказна кон хорор и во сосема поинаков правец.

