“Кориолан“ повторно ја потврди својата сценска сила и универзалност, носејќи ја приказната на Шекспир на уште една значајна европска фестивалска сцена. Претставата во режија на Џон Блондел, која македонската премиера ја имаше како дел од 66.Охридско лето, а светската во рамките на „Shakespeare Fringe Festival“ во Верона, го продолжи своето меѓународно фестивалско патување. Во рамките на фестивалот „Magical Nights in Butrint“, (Волшебни ноќи во Бутринт), во Саранда, Албанија, екипата на Народниот театар Битола имаше чест да ја претстави оваа моќна Шекспирова трагедија пред фестивалската публика.
Современата адаптација на Шекспировото дело, отвора актуелни прашања за власта, политичката одговорност и односот меѓу поединецот и општеството. Во претставата играат: Васко Мавровски, Петар Горко, Марјан Георгиевски, Борче Ѓаковски, Петар Спировски, Јулијана Мирчевска и Сандра Грибовска Илиевска. Асистент на режија е младиот уметник и режисер Дамјан Димовски, сценографијата и костимите се на Благој Мицевски, дизајн на светло: Џонатан Хикс, светло мајстор: Горан Петровски, музика: Александар Димовски, видео: Владимир Переловски, инспициент: Оливер Петровски. Суфлер: Мирјана Христовска.
Битолски театар продолжува да ја носи битолската сцена таму каде што Шекспир зборува универзално.
„Голема благодарност до организаторите на „Magical Nights in Butrint“ за прекрасниот прием, гостопримството и беспрекорната организација, која придонесе ова гостување да биде посебно искуство за целиот тим на Народниот театар Битола“, истакнуваат од НТБ.
Во видеото во прилог – дел од атмосферата по изведбата, а во завршните моменти и македонското знаме на сцената, како симбол на гордоста со која ја претставуваме нашата земја.
