Оваа година, годишниот концерт на КУД „Илинден“ е посветен на богатата македонска градска традиција, носејќи на сцената атмосфера на старите градски средини. Преку звуците на чалгискиот оркестар, автентичните танци и обичаи, како и раскошните костими, програмата оживува еден препознатлив културен свет. Концертот ја обединува музиката, играта и сценскиот израз во целовито доживување исполнето со духот на традицијата – вечер во која се раскажуваат приказни што се пренесуваат низ генерации.
КУД „Илинден“ од Битола, основано во 1955 година, денес е еден од водечките фолклорни ансамбли во Македонија. Во своето повеќедецениско постоење настапил на повеќе од 150 меѓународни фолклорни фестивали ширум светот и освоил бројни престижни домашни и меѓународни признанија. Меѓу нив се издвојуваат Гран при во Франција, награди од фестивали во Полска, Велика Британија, Украина, Турција, Албанија и Северен Кипар, како и највисокото општинско признание „4 Ноември“ на Општина Битола. Ансамблот реализирал повеќе од 200 самостојни концерти низ Македонија и бил претставник на државата на светската Фолклоријада во Уфа, Русија. Од неговите редови произлегле едни од најистакнатите имиња на македонската народна музика, меѓу кои Јонче Христовски, Виолета Томовска и Валентин Соклевски.
КУД „Илинден“ традиционално го отвора фестивалот „Илинденски денови“ со изведбата на „Комитското“. Воедно е еден од основачите на Сојузот на фолклорни ансамбли на Република Македонија и негов активен член од 1994 година. Денес ансамблот брои повеќе од 320 членови, организирани во детски и младински групи, оркестри, пејачка секција и главен фолклорен ансамбл. Со богата традиција, врвни уметнички достигнувања и континуирана посветеност, КУД „Илинден“ останува еден од најзначајните чувари и промотори на македонскиот фолклор.
Влезот е слободен.
