Home » Битолчанката Анета Павловска -најуспешна спортска судијка според Македонскиот олимписки комитет

Битолчанката Анета Павловска -најуспешна спортска судијка според Македонскиот олимписки комитет

by culturalchat

Македонскиот олимписки комитет на свечена церемонија по трет пат ги додели престижните награди „Златна Олимпија“ за 2023 година кои се доделуваат на жените во спортот за нивните врвни достигнувања и успеси. Истовремено, преку доделувањето на овие награди, МОК ја афирмира заложбата за поддршка на родовата еднаквост во спортот и овозможување услови за еднакви можности за сите спортистки и екипни женски спортови. Традиционално, на овој настан се доделуваат 11 признанија во исто толку категории наменети за најуспешните спортистки, женски спортски клубови и женски спортски работници во олимписките спортови. На настанот „Златна Олимпија“на едно место беа најдобрите македонски спортистки, женски клубови, федерации, женски судии и тренери, спортски менаџерки, спортски новинарки, како и други многубројни гости од спортскиот и јавниот живот во земјава.

Меѓу наградените и битолчанката Анета Павловска наградена за најуспешна спортска судијка. Таа суди на најголемите тениски турнири во светот „Ролан Гарос 2023“ и полуфиналиња на „Вимблдон 2023“. Наградата во нејзино име ја прими нејзиниот татко а Анета преку видео истакна:

„ Благодарна сум за ова признание ,но благодарна и на моите најблиски за поддршката која неизмерно ми ја давате изминатите години. Да се радуваме, живееме и славиме уште поголеми успеси заедно. И преку нашите успешни приказни да бидеме добар пример и мотивација за младите генерации кои доаѓаат“.

Павловска долги години е дел од големите спортски случувања, покрај Роланд Гарос,(и тоа повеќе пати),  параолимписките игри во Рио, Вимблдон и друг, таа судеше и на олимписките игри во Токио. За овие настани таа истакна дека се не само предизвик туку и одговорност, освен себеси да ја претстави и нашата земја најдобро што може. Тука се и судењата на завршниот женски мастерс турнир во Сингапур и Шензен , Мастерс турнирите во Торонто, Монте Карло, Монтреал, Шангај.

За неа тенисот и  даде слобода и таа денес следејќи си го срцето, ја работи работата што ја сака и живее авантура како што ни изјави со секојдневни предизвици, а притоа не чувствува дека воопшто работи.

„ Пропратните проблеми се само дополнителен мотив дека сѐ што се сака се може и не е тешко особено кога јасно знаеш кон што целиш. Кога еден човек ги живее своите соништа и е задоволен од себеси и сопствениот живот тој е среќен и исполнет човек. А знаеме што сѐ човек може кога е среќен и исполнет ….Зарем тоа не е доволна причина да не се откажуваме од истите !?, додава Павловска.

Покрај наградите за најуспешните спортистки, МОК доделува и награда за животно дело, како и признанија и благодарници на своите најблиски соработници и партнери. Годинешниот лауреат за најуспешна спортистка за 2023 година е Мери Акиевска, националната шампионка во бодибилдинг и светска шампионка за 2023, титула што ја освои на Светското првенство во Шпанија. За најдобра млада спортистка е прогласена теквондистката Милијана Релиќ, наградата за најдобра женска репрезентација замина кај фудбалската селекција Македонија У17, Признанието за спортски подвиг на 2023 година го доби Благица Владимирова која го совлада најтешкиот предизвик за искачување во светот, Еверестинг, „Златна Олимпија“ за најуспешна спортистка со попреченост заврши во рацете на Јулијана Петровска, најуспешен женски тренер е Билјана Црвенковска, најуспешна спортска менаџерка е Билјана Кузмановска–Николовска, најуспешна спортска новинарка Јана Серафимовa–Петровска, најуспешна федерација во унапредување на родовата еднаквост Велосипедската федерација на Македонија.

Статуетката „Златна Олимпија“ за животно дело отиде во рацете на Катица Димова, членка на југословенската репрезентација во спортска гимнастика и кандидат за Олимписки игри во 1960 година во Рим.

 

 

 

 

 

 

 

Related Articles