Home » „Македонско девојче“ се пееше и играше од страна на странските македонисти во Охрид

„Македонско девојче“ се пееше и играше од страна на странските македонисти во Охрид

by culturalchat

„Дали има на овој бели свет поубаво девојче од Македонче?“. Овој рефрен одекнуваше крај Охридското езеро кога странските македонисти заиграа македонско оро на првиот час од курсот по народни ора на  56. Летна школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје која се одржуваше во Охрид.

Со секој нов час, чекорите беа сѐ потешки, ама и поголема беше посветеноста на странските македонисти да ги совладаат. Затоа што со силна решеност чекорат по патот на македонистиката, со љубов за македонскиот јазик, литература и култура. Со врачување уверенија за семинаристите, со нови знаења и идеи за соработка и со нови проекти од областа на македонистиката, но и со нови пријателства и со многу емоции, успешно заврши 56. Летна школа .

По завршувањето на школата откако над 60 семинаристи заминаа дома со нови знаења за македонскиот јазик, литература и култура, започна јубилејната, 50. Меѓународна научна конференција која се одржа во светлината на два јубилеи – 120 години од објавувањето на книгата „За македонцките работи“ од Крсте Мисирков и 100 години од раѓањето на Ацо Шопов. Пријавени беа  околу 70 учесници од 16 држави.

Со многу нови тези и заклучоци беа отворени нови прашања, нови контакти и идеи за продлабочување на соработката меѓу македонските и странските македонисти, балканисти и слависти, но и со нови генерации истражувачи за кои македонскиот јазик, литература и култура се научен предизвик.

На пленарната сесија на конференцијата своите реферати ги изложија повеќемина истакнати домашни и странски истражувачи. Во рамките на сесијата, пред учесниците се обрати и министерката за култура, Бисера Костадиновска Стојчевска. Конференцијата се одржа со финансиска поддршка од Министерство за култура. Работата на Конференцијата продолжи со одделни сесии на лингвистичката секција и на секцијата за литература и култура.

 

 

 

 

Related Articles