Во рамките на четвртоноемвриската програма на Општина Битола и Културниот и информативен центар насловена „Сите бои на сеќавањето”, Битола од вечерва добива три соби на својата меморија во чест на Александар Стерјовски. Се работи за Музичка соба, Градска соба и Соба посветена на историјата на Офицерскиот дом.
Трите соби отвораат три тематски погледи кон Битола. Музичката соба е посветена на музичкиот живот на градот, Градската соба на неговата историја, а третата на минатото на самиот Офицерски дом. Заедно, тие создаваат повод посетителите повторно да се заинтересираат за средината во која живеат, за нејзините културни навики и за местата покрај кои секојдневно поминуваат.
На свеченоста присуствуваше градоначалникот на Битола Тони Коњановски, претседателот на Советот Бојан Бојкоски, секретарот на Општина Битола Борче Димитровски, советници, гости од збратимените градови и многу наши сограѓани. Пред присутните се обратија директорот на КИЦ Димитар Михајловски и градоначалникот на Битола.
„Еден град се памети и по начинот на кој живеел. По музиката што се слушала во неговите салони, по луѓето што ги исполнувале улиците, по зградите во кои се среќавале различни генерации. За многу од тие страници на битолскиот живот денес можеме да навлеземе подлабоко, благодарение на професорот Александар Стерјовски, кој со децении ја истражуваше, запишуваше и толкуваше историјата на својот роден град. Во пресрет на празникот, отворањето на овие простори го насочува вниманието кон културната меморија и кон луѓето чија работа овозможила таа да остане достапна за следните генерации“, рече во своеото обраќање градоначачалникот на Битола Тони Коњановски.
Отворањето на трите спомен соби е признание за таа посветеност и можност неговото дело да добие нова публика, но и дополнителни насоки во денешнината, во рамките на одбележувањето на 4 Ноември, Битола се навраќа на сопственото минато со поглед кон оние што допрва ќе го откриваат.







