Home » Три соби за Битола што ја паметиме благодарение и на него

Три соби за Битола што ја паметиме благодарение и на него

by culturalchat

Во Офицерскиот дом се отвораат три спомен соби во чест на професорот Александар Стерјовски, истражувачот кој ѝ посвети на Битола цел еден творечки живот. Некои луѓе го познаваат својот град толку длабоко што преку нив и ние учиме да го гледаме поинаку. Професорот Александар Стерјовски беше еден од нив. Зад познатите фасади ги бараше приказните, зад имињата ги откриваше луѓето, а во документите ги пронаоѓаше деталите што го враќаат животот во едно минато време. Благодарение на неговата љубопитност и истрајност, многу страници од животот на Битола останаа запишани. На 3 ноември, вторник, во 18 часот, во Офицерскиот дом свечено ќе бидат отворени Музичката соба, Градската соба и Собата посветена на историјата на Офицерскиот дом. Отворањето е во чест на проф. д-р Александар Стерјовски и е дел од програмата „Сите бои на сеќавањето“, со која Битола го одбележува 4 Ноември, Денот на ослободувањето на градот.
Три соби, три погледи кон Битола. Кон нејзиниот музички живот, кон градската историја и кон минатото на Офицерскиот дом, место што и самото е дел од колективната меморија на битолчани. Нивното отворање е покана повторно да му се приближиме на градот, да го запознаеме низ она што го наследивме и да размислиме што од него ќе им оставиме на следните генерации.
Роден во Битола во 1933 година, Стерјовски беше универзитетски професор, истражувач на фолклорот и неуморен хроничар на својот роден град. Предаваше на Педагошката академија, а потоа и на Педагошкиот факултет во Битола, и двапати беше проректор на Битолскиот универзитет. Зад себе остави над стотина научни статии и богат авторски опус во кој Битола има посебно место. Преку „Битолско десеткнижие“ ги истражуваше театарот, Драгор, спортот, градбите, музиката и многу други страни на градскиот живот. Во „Градби“ го опфати и Офицерскиот дом, а во „Музика“ ги собра приказните за инструменталистите, хоровите, оркестрите, концертите и музичкото образование во Битола. Токму затоа, овие три соби имаат особено значење како почит кон неговото дело. Нивните теми се блиски до светот што тој со децении го истражуваше и ни го доближуваше. Во пресрет на градскиот празник, Битола му оддава признание на професорот кој ни остави толку многу начини да ја запознаеме и причини да ја чуваме.
На 3 ноември отвораме три соби и многу причини повторно да се вљубиме во сопствениот град.

Related Articles