Home » Голема едукативна кампања по повод 2 години Хачико

Голема едукативна кампања по повод 2 години Хачико

by culturalchat

По повод одбележувањето на 2 години од постоењето на Прифатилиште „Хачико“, подготвија голема едукативна кампања која ќе се реализира во соработка со ОУ „Тодор Ангелевски“ – Битола, со поддршка од Општина Битола,Агенцијата за храна и ветеринарство и Тања О.Ристевска, партнерите и поддржувачите на Хачико. Кампањата ги опфаќа и градинките, основните училишта и средните училишта, со цел уште од најрана возраст да се создава култура на одговорност, емпатија и хумано однесување кон животните.
Во рамките на едукативните активности ќе работат на теми како: Хумано и безбедно однесување кон бездомните кучиња, одговорен однос кон сопственичките кучиња, грижа, заштита и благосостојба на животните, одговорно сопствеништво и обврски на сопствениците, важноста на стерилизацијата и кастрацијата, како да постапиме доколку наидеме на бездомно куче, како да се однесуваме доколку кучето покажува страв или агресија, превенција од напуштање на домашните миленици, разбивање на предрасудите и стравот кон бездомните кучиња.
„Нашата цел е преку едукација, разговор и практични активности, да ги научиме најмладите дека хуманоста кон животните е дел од културата на живеење и одговорното граѓанство.
Веруваме дека со заедничка работа со образовните институции, локалната самоуправа и надлежните институции можеме да создадеме генерации кои ќе имаат поинаков, похуман и одговорен однос кон животните“, истакнуваат од „Хачико“.
„Хачико слави 2 години – но нашата мисија продолжува. 0% улични кучиња започнуваат со 100% одговорни луѓе. Кампањата ја започнавме со градинката „Мали чекори“, затоа што веруваме дека токму од најмала возраст се создаваат навиките, вредностите и односот кон животни“, додаваат од прифатилиштето.

До сега беа и во градинката Твити како и градинката Мали Генијалци .Во четврток продолжуваат со работилница во градинката Естреја Овадија Мара, која ќе биде најголема работилница презентирана пред околу 120 деца.

Related Articles