Во Македонскиот КИЦ во Софија беше организиран Дипломатски прием, како уште една потврда дека оваа институција денес е респектабилен и препознатлив центар на македонската културна дипломатија, место каде што Република Македонија се претставува преку своите највисоки духовни, културни и интелектуални вредности. Присуството на претставници на дипломатскиот кор, на институциите, на академската и културната јавност, како и на бројни пријатели на Македонија, сведочи дека Македонскиот КИЦ во Софија ја има изградено довербата што се стекнува единствено со сериозна работа, континуитет и јасна визија.
„Кога ја презедов должноста директор на Македонскиот КИЦ во Софија, бев свесен дека ја преземам одговорноста да раководам со институција која има особено место во културната политика на Република Македонија. Македонскиот КИЦ во Софија не е само една од нашите институции во странство, туку напротив, тој претставува институција од исклучително национално значење. Затоа уште од првиот ден мојата определба беше јасна – Македонскиот културно-информативен центар да стане жив организам, институција што ќе пулсира секој ден со културен живот, институција што нема да биде набљудувач на културните процеси, туку нивен активен создавач. Таа визија денес има своја јасна потврда. Од институција која во минатото реализираше околу десет до петнаесет програми годишно, Македонскиот КИЦ во Софија денес организира повеќе од деведесет културни, научни, книжевни, музички, ликовни и дипломатски настани во текот на една година. Зад секој од тие настани стои внимателна подготовка, јасна концепција и искрена желба Македонија да биде претставена на достоинствен, современ и европски начин“, истакна директорот на Македонскиот КИЦ во Софија и дипломатскиот советник, м-р Зоран Пејковски.
Не станува збор само за значително поголем број активности, туку за суштинска промена во разбирањето на улогата што оваа институција треба да ја има.
„Денес Македонскиот КИЦ во Софија е место каде што се претставуваат најзначајните македонски писатели, уметници, музичари, научници и интелектуалци. Тој е место каде што се отвораат важни разговори за литературата, историјата, уметноста, филмот, театарот и културното наследство. Тој е место каде што се градат професионални партнерства, каде што се воспоставуваат нови културни врски и каде што Македонија зборува преку јазикот што најдобро го разбира целиот свет – јазикот на културата. Особено сум горд што Македонскиот КИЦ во Софија, повторно стана место на кое Македонците во Бугарија доаѓаат. За нив ова не е обична институција, туку место во кое повторно го слушаат македонскиот јазик, се среќаваат со македонската книга, музика и уметност, ги прославуваат значајните датуми од нашата култура и ја чувствуваат духовната близина со својата татковина. Во време кога културниот идентитет се чува и се зајакнува преку живи институции, токму тоа е една од најблагородните мисии што може да ја има еден културен центар“, додава Пејковски.
Истовремено, Македонскиот КИЦ во Софија претставува и место на отворен дијалог со меѓународната јавност.
„Нашата определба е Македонија да ја претставуваме преку вредностите што никого не исклучуваат: преку книжевноста, музиката, ликовната уметност, филмот, науката и духовното наследство. Уверен сум дека токму културата е најсилната форма на дипломатија, затоа што таа не бара согласност за да биде разбрана; таа создава почит преку квалитетот, преку творештвото и преку човечката потреба да се запознае другиот. Дипломатскиот прием беше уште една потврда на таа определба. Тој покажа дека Македонскиот културно-информативен центар денес е институција што поврзува и создава нови можности за културна и дипломатска соработка. Тој покажа дека Македонија има што да понуди и дека тоа го прави достоинствено, самоуверено и со почит кон сите. Овие резултати не се случајност, туку тие се плод на јасна визија, секојдневна работа и силна институционална поддршка од Министерството за култура и туризам на Република Македонија, кое ја препознава важноста на Македонскиот културно-информативен центар во Софија како една од клучните институции за промоција на македонската култура надвор од границите на државата. Благодарение на таа поддршка, но и на огромната посветеност на тимот на Македонскиот КИЦ во Софија, успеавме да изградиме институција што денес има препознатлив идентитет, богата програма и сериозен углед. Верувам дека вистинската вредност на една институција не се огледа само во бројот на реализирани програми, туку во трајните белези што ги остава зад себе. Ако преку нашата работа еден млад човек ја открил македонската литература, ако еден уметник воспоставил нова соработка, ако еден дипломат ја запознал Македонија преку нејзината култура, ако еден Македонец што живее далеку од својата татковина почувствувал дека овде повторно е дома – тогаш нашата мисија има смисла“.
Пејковски вели дека ќе продолжат уште посилно, уште поамбициозно и уште поодговорно, затоа што Македонскиот културно-информативен центар во Софија мора да биде институција што создава културна меморија, гради меѓународен углед, ги поврзува луѓето и ја претставува Република Македонија онака како што заслужува – како држава со длабоки културни корени, современа творечка енергија и цврста верба дека културата е најсилниот и најтрајниот темел на секоја успешна дипломатија.

