Home » „Народот што ја споделува својата култура, создава пријателства“ – директорката на МКИЦ во Загреб по повод Денот на независноста

„Народот што ја споделува својата култура, создава пријателства“ – директорката на МКИЦ во Загреб по повод Денот на независноста

by culturalchat

Амбасадата на Македонија во Хрватска и Македонскиот КИЦ во Загреб со свеченост во Хрватскиот државен архив го одбележаа 8 Септември и 35 години од независноста на Македонија. Програмата вклучи концерт на хорот „ПРО АРС“, под диригентство на Сашо Татарчевски, како и изложбата „Архивските документи – столб на македонскиот идентитет“ на Државниот архив на Македонија. На присутните покрај македонскиот амбасадор во Хрватска, Драган Ѓурчевски, се обрати и директорката на Македонскиот КИЦ во Загреб, Мими Ѓоргоска-Илиевска.

„Чест ми е што токму во Хрватскиот државен архив – место во кое времето е сочувано во документи, сведоштва и траги од минатото – заеднички одбележуваме еден голем ден, 8 септември: 35 години независна македонска држава.  Годишниците не се само датуми од календарот. Тие се навраќања кон патот што сме го изоделе, но и кон вредностите што сакаме да ги пренесеме во иднината. Три и пол децении независна македонска држава се период во кои ја потврдуваме својата историска зрелост, своето право на слобода и сопствена државност, градејќи современа европска држава со чувство за минатото и одговорност кон иднината.
Но државноста не започнува со политичкиот чин на прогласување независност. Нејзините најдлабоки корени се вткаени во меморијата – во јазикот, во културата, во творештвото, во историското искуство и во свеста за припадност кон заедницата“.Затоа е собено важно овој голем ден да се одбележи со уметност и со историја.
„Хорот „Про Арс“ под диригентската палка на маестро Сашо Татарчевски, ни понуди хорски нумери од македонски композитори испирирани од македонската историја и минато. Во хорската музика гласот на поединецот е сегмент од заедничкиот глас. А токму во тоа има нешто длабоко симболичко: историјата на еден народ е сплет на безброј индивидуални судбини, а нивната смисла станува целосна кога тие ќе се претворат во колективно паметење.
Исто така, изложбата „Архивски документи – столб на македонскот идентитет“ на македонскиот државен архив, ни овозможи да се запознаеме со она што историјата го оставила зад себе како материјално сведоштво. Сепак, документот не е само лист хартија. Тое е трага во времето, доказ на постоењето, сведоштво на стремежите, страдањето и борбата на претходните генерации за сопствена држава“, истакна Ѓоргоска-Илиевска.
Овој настан во себе има посебна симболика. Музиката го оживува сеќавањето, архивскиот документ го потврдува, а културата му дава траење.
“Културата е најсилното обележје на националниот идентитет. Во тој контекст, културната дипломатија не е само претставување на националното културно наследство, туку пронаоѓање начин да се изградат мостови меѓу луѓето и државите. Таа ја има моќта да ги премости различностите и да отвори простор за подобро разбирање помеѓу народите. Во Хрватскиот државен архив македонскиот хорски глас и историскиот документ се сретнаа со хрватската културна средина испраќајќи порака дека: Народот што го чува своето минато, ја знае својата сегашност; народот што ја споделува својата култура, создава пријателства; а народот што памети, има патоказ кон иднината. Нека ни е честит Големиот ден, Осми Септември, 35 години македонска независност“.

Овој месец во Загреб и Хрватска ќе следуваат и други културни настани по повод 35 години независност.

Related Articles